Грција воведува задолжително вакцинирање за повозрасните од 60 години

Грција во вторникот објави дека воведува задолжително вакцинирање против Covid-19 за лицата над 60-годишна возраст, што претставува драстичен чекор во борбата на земајта со сѐ поголемиот број заразени.

Властите објавија дека ќе наплаќаат глоба од 100 евра на секој поединец од над 60 години кој не е вакциниран, и така секој месец. Мерката ќе започне да се применува од 16-ти јануари.

Околу 63 отсто од околу 11 милиони жители на Грција се целосно вакцинирани, а закажувањето на термините за вакцинирање е забрзано последните седмици.

„Ги насочуваме нашите напори на заштитата на нашите сограѓани и затоа нивното вакцинирање отсега ќе биде задолжително. Грците над 60 години кои не се вакцинираат мора до 16-ти јануари да резервираат термин за првата доза или ќе се соочи со казна од 100 евра секој месец“, порачал премиерот Киријакос Мицотакис на владината седница.

Грција од почетокот на ноември се соочува со раст на дневните случаи на зараза кои достигнуваат рекордни новоа. Земјата од почетокот на пандемијата потврди 931.183 случаи на зараза и 18.067 починати.

Исто така, почетокот на ноември забранет е влезот за невакцинираните во затворените простори, како што се рестоаните, кината, музеите и салите за вежбање. Ним не им се признава негативниот тест на коронавирусот.