Грција од денес е банкрот

Од денеска Грција е земја во банкрот без програма за финансиска помош, а последиците врз нејзината економија ќе бидат огромни, јави дописникот на МИА од Атина.

Атина вчера не успеа да ги плати обврските кон Меѓународниот монетарен фонд во вредност од 1,6 милијарди евра и кон Банката на Грција во вредност од 472 милиони евра, што значи двоен банкрот на долговите кон Фондот и централната банка, иако ММФ ситуацијата не ја опиша со тие зборови.

Последиците од тоа што Грција од денеска е банкрот ќе се зголемат како резултат на отсуство на програма со која ќе се обезбеди непречено функционирање на кредитниот систем за ликвидност преку Европската централна банка. Комбинацијата на двоен банкрот со крајот на програмата за финансиска помош ја соочува грчката Влада со низа проблеми, пишува „Катимерини“.

Прво, неплаќањето на транша кон ММФ ќе има непосредно влијание на кредитите дадени на Грција од страна на Европскиот фонд за финансиска стабилност (ЕФСФ), кои изнесуваат 141,9 милијарди евра. Заемите од ММФ се поврзани со оние од ЕФСФ преку разни клаузули, што значи дека еврозоната сега има право да бара итна исплата на 141,9 милијарди евра.

Evrogrupa
Eврогрупата нема пари за Грција

Второ, неплаќањето кон ММФ и кон Банката на Грција ќе биде страшно за земјата во однос на одлуките на Европската централна банка, чиј Управен совет треба да се состане денеска.

Земјата повеќе не е солвентна, ниту нејзините банки, и затоа ЕЦБ веќе не може да ги поддржи банките кои се несолвентни, а може и да бара исплата на сите 89 милијарда евра што им ги позајми на грчките банки преку механизмот за итна ликвидност ЕЛА. Трето, Грција ги пропушта средствата за финансиска помош кои требаше да ги добие во рамките на втората програма за финансиска помош, во вкупна вредност од 16,3 милијарди евра.

И четврто, ако Грција има надеж за постепено враќање на пазарите на пари, тоа дефинитивно нема да се случи сега. Банкротот и отсуството на програмата за финансиска помош, се фактори кои ги бркаат инвеститорите, заклучува „Катимерини“.