Грција дозволи распоредување на Фронтекс за да избегне исклучување од Шенген

Деновиве поради одлуката да се пропуштаат само бегалци кои доаѓаат од воените жаришта, растеа тензиите на нашата јужна гранична линија. Откако на Република Македонија и беше наложено да прави селекција помеѓу економските мигранти и бегалците, состојбите на границата ескалираа.

По инцидентот од пред два дена, кога голема група економски мигранти од Мароко се судри со грчката полиција, поради тоа што не им дозволуваа на бегалците од кризните воени жаришта да ја преминат границата, на јужната граница и вчера беше тензично.

Во тепачката меѓу економските мигранти и бегалците, претежно од Сирија пред два дена загина едно момче од Мароко. Освен со транспаренти и мегафони, економските мигранти биле обезбедени и со алати за сечење на ограда.

Според информаци на „Ројтерс“ македонската полиција вчера утрото употребила и солзавец кон голема група пакистански мигранти, кои се обиделе насилно да влезат во Македонија од Грција.

Грција претходно одбиваше распоредување на Фронтекс

Грција претходно одбиваше распоредување на Фронтекс на нејзините граници. На мини-самитот на десет ЕУ-земји со Македонија, Србија и Албанија што се одржа во Брисел, на кој се разговараше за безбедносните предизвици од бегалската и мигрантската криза во Европа, Грција одбиваше да бидат распоредени припадници на Европската агенција за управување со оперативна соработка на надворешните граници на ЕУ – Фронтекс, по нешто повеќе од еден месец имаме можност да видиме дека Грција попушти.

По завршувањето на мини – самитот на прашањето за тоа дали е можно европската гранична служба Фронтекс да се постави на границата меѓу Грција и Македонија, претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов рече дека Грците се против.

Иванов: Грција е против предлогот за поставување на Фронтекс на границата, поради нивното јавно мислење
Иванов: Грција е против предлогот за поставување на Фронтекс на границата, поради нивното јавно мислење

Грција е против тој предлог за поставување на Фронтекс на границата, поради нивното јавно мислење. Ќе го видиме финалниот текст. Грција инсистира тие прашања билатерално да се решаваат. Имавме разговор со нивниот премиер Алексис Ципрас, да ја истакнеме неопходноста од размена на податоци, кои засега ги немаме. Пред се за тоа колку од островите од Грција доаѓаат на Пиреја и колку оттаму накај Македонија. Некогаш и по десет илјади бегалци ненајавено доаѓаат. Соработката е на ниско ниво и потребна е размена меѓу министерствата и владите. Разменуваме информации со Србија и Хрватска преку полициите и такви информации ни се потребни и од грчка страна. Ципрас вети ќе се заложи да ги добиваме информациите, да најавуваат колку и кој ден доаѓаат бегалци и размена на чувствителни информации во врска со прашања на службите, одговори Иванов.

Според македонскиот претседател, има многу информации до кои нашата држаца нема пристап, бидејќи Македонија ниту има пристап до базата со податоци на Фронтекс, ниту до оние на Шенген-зоната. А, според него и информации кои ние ги имаме на терен немаме кому да ги соопштиме што е важно за тоа каде одат мигрантите.

Сето тоа е поради односите со Грција и нашето отворено прашање со оваа земја, па соработката на тој план не е досега соодветна. Цирпас вети дека ќе се заложи службите да разменуваат податоци и грчките официјални органи да соопштуваат кога ќе стапнат бегалците на тлото на Грција, истакна Иванов.