Грција го намали данокот на имот

Грчкиот парламент го одобри намалувањето на непопуларниот данок на имот, исполнувајќи го едно од изборните ветувања на новиот премиер Киријакос Мицотакис.

Предлог-законот, кој беше донесен во парламентот како приоритет на новата конзервативна влада, ги намалува даноците на имот до 30% во зависност од вкупната вредност на средствата на даночните обврзници.

– Никој нема да биде исклучен од ова дарежливо олеснување – рече Мицотакис пред гласањето, додавајќи дека четири милиони Грци наскоро ќе имаат корист од новата мерка.

Намалувањето на данокот на имот ќе го чини буџетот 205 милиони евра (228,5 милиони американски долари) годишно.

Предлог-законот исто така го олеснува задоцнетото плаќање на даноците и плаќањата за социјално осигурување на државата. Ги ублажува плановите за отплата на долговите до 120 месечни рати, опфаќајќи повеќе должници, нуди попусти и ја намалува минималната месечна рата на 20 евра.

Мицотакис, кој на 7 јули го замени премиерот Алексис Ципрас како премиер, ги повика должниците „да ги искористат предностите на дарежливиот план за исплата на долгот“, додавајќи дека ова е последна шанса за таква флексибилност и дека идните планови ќе имаат построги услови.

Грција излезе од својата трета меѓународна програма за финансиска помош во текот на минатиот август и ги надминува фискалните цели што беа договорени со меѓународните кредитори.