Грција издава 10-годишна обврзница, по речиси девет години пауза

Грција го подготвува теренот за издавање на 10-годишна обврзница, прва по должничката криза од 2010 година, објави во понеделникот Атинската берза.

Грција на „банките NP Paribas, Citi, Credit Suisse, Goldman Sachs International Bank, HSBC и JP Morgan им ја довери работата на заедничка организација за издавање нова обвврзница искажана во евра“ со рок на доспевање од 10 години, се наведува во соопштението на Атинската берза.

Извори блиски на грчкиот финансиски сектор наведуваат за Reuters дека вредноста на емисијата би можела да изнесува околу 2,5 милијарди евра, со камата од околу 4,0 отсто.

Соопштението е објавено три дена откако агенцијата за кредитни бонитети Moody’s ја зголеми оцената на грчките државни обврзници од нивото „Б3“ на „Б1“, што помага при издавањето, иако грчките харти од вредност и натаму спаѓаат во категоријата шпекулативни вложувања, напоменува професорот по економија на Атинскиот универзитет, Панајотис Петракис.

Најавената емисија ќе биде првата од 2010 година и длабоката крза поради која Грција се најде на работ од банкротот и беше принудена да земе повеќе пакети меѓународна финансиска помош од над 300 милијарди евра, условени со острите кастрења. Атина го затвори третиот пакет и ја заклучи програмата за меѓународни заеми во август минатата 2018 година.

Меѓунатодниот монетарен фонд (ММФ) прогнозира дека активностите во грчката екононмија годинава ќе пораснат за 2,4 отсто. Европската комисија побара, пак, минатата седмица од Грција до крајот да ги спроведе сите реформи коишто им ги вети на странските кредитори. Од Брисел предупредија дека грчката економија и натаму е кревка поради високиот јавен долг, ненаплатливите кредити и високата стапка на невработеност.