Грчкиот Фонд за приватизација на државниот имот (ТАИПЕД) нуди на долгогодишен закуп 13 најатрактивни плажи. Меѓу нив се некои од најдобрите плажи на островите Родос, Елафонисос, Симос и Саракинос, но и плажи на Халкидик и во близина на Солун како и плажата во Аспровалта, „Агиос Јоанис“ на Ситонија, како и плажата „Агија Тријада“ во близина на Солун.
Меѓу огласените плажи се и две на островот Елафонисос во близина на Пелопонез, како и неколку на островите Симос и Саракинос. Наведените плажи се под заштита на Европската Унија поради уникатниот жив свет и околината.
На потенцијалните закупувачи им се нудат и плажата „Афанту“ на островот Родос, како и „Термисија“ на Ермиони во близина на Пелопонез.
Закупот на плажите е во траење на 50 години, а закупувачите ќе можат да наплаќаат влез, да изградат сместувачки и угостителски објекти, како и да ги уредат според сопствена волја.
Грчките медиуми јавуваат дека токму на овој дел најмногу се бунат грчките организации за заштита на животната средина и граѓаните на Грција. Тие сметаат дека со ваква приватизацијата на плажите ќе се уништи морскиот брег, а посетителите и туристите ќе бидат обесправени бидејќи закупците ќе имаат ексклузивно право да го ограничат пристапот до нив.