Според првите прелиминарни официјални резултати, врз основа на десет отсто изброени гласови, на денешниот референдум во Грција водат противниците на предлогот на ЕУ и ММФ, објавено е на сајтот на грчкото МВР.
На Интернет страницата на грчкото Министерство за внатрешни работи, соопштено е дека „Не“ на референдумот заокружиле 59,9 отсто од избирачите, јави Танјуг.
Од друга страна, 40,1 отсто од Грците заокружиле „Да“.
Проценките на телевизиите укажуваат дека со „не“ гласале 52 отсто од избирачите, а за прифаќање на предлогот на ЕУ и ММФ 48 проценти.
Излезноста, како што е соопштено, изнесувала 53,8 отсто, а за валидноста на референдумот, потребно е според законот над 40 отсто.
Владиниот портпарол Гаврил Сакеларидис изјави дека грчката Влада неодложно сака да ги обнови преговорите со меѓународните кредитори, за да постигне договор.
– Преговорите кои ќе почнат мора да завршат многу брзо, за 48 часа, рече Сакеларидис.
На референдумот право на глас имаа 9.855.029 избирачи, кои се изјаснуваа на вкупно 19.159 избирачки места.