Грција стравува од ескалација на состојбата со бегалците

Властите во Грција предупредуваат за долгорочно продлабочување на бегалската криза во Егејското Море по неуспешниот воен удар во Турција.

Според весникот „Етнос”, бројот на бегалци во источниот дел на Егејското Море по случувањата во Турција пораснал за 76 отсто во однос на претходните месеци. Весникот ситуацијата ја оквалификува како „инфарктна”, поради 10-ците илјади бегалци и мигранти заглавени на грчките острови.

Според пишувањата на „Катимерини”, само за неколку денови на грчките острови пристигнувале дневно по 80-85 луѓе.

„Та неа” пак, пишува дека властите бараат нови приемни центри и дека процедурата за прераспределба на бегалците оди многу бавно. Владиниот координациски орган за справување со бегалската криза објави дека во Грција се регистрирани 57.047 бегалци, од кои 9.919 на островите во источниот дел на Егејското Море, каде што во центрите за сместување има 7.450 места.

Според Меѓународната организација за миграции, во Грција годинава пристигнале 160.888 мигранти и бегалци.