Грција, Турција и Египет – најбарани дестинации за летување

Македонските туристи и годинава најмногу летуваат во Грција и Турција, но во пораст е интересот и за далечните дестинации поради сè поповолните понуди. Годинава интересно е тоа што има тренд на зголемување на побарувачката на закуп на апартмани во Грција за цела сезона, од мај до септември, што според туристичките работници е логично, заради исплатливоста на таквата зделка, пишува порталот „Мета“.

– Закупот на апартман за 120 дена е од 3.500 до 4.000 евра, а штом има зголемен интерес, на луѓето очигледно им се исплати. Генерално, за Грција најбарано е апартманското сместување, бидејќи тоа е поевтина варијанта. Најмногу таму се летува заради близината до дома, но барани се и понудите за Турција, Сицилија, Малта – вели Ѓорѓи В`чков, сопственик на туристичката агенција „Травеликс“ и поранешен претседател на Стопанската комора за туризам.

Во „Аурора“ информираат дека кај нив, конкретно за Грција, има тренд на намалување на летувањата во Грција, затоа што апартманското сместување оди на поразличен начин, преку социјалните медиуми, и таму се оди повеќе индивидуално, а помалку преку агенција.

– Ова лето покажува дека луѓето дефинитивно сакаат да користат ол инклузив аранжмани. На пример, Турција е дестинација која е многу барана, бидејќи цените се многу достапни. Многу луѓе кои оделе на пример во Грција за 500 евра во хотел една недела, сега за безмалку истите пари можат да си го дозволат истото во Анталија, ол инклузив со авионски превоз. Хургада е многу популарна годинава, бидејќи хотелите се добри. За далечните дестинации секогаш има клиентела, иако не се масовен производ. Има тренд на намалување на цените за Малдиви, Бали, Куба. За овие егзотични дестинации годинава имаме зголемување за 30 отсто – информира Андреј Сирачевски од „Аурора“.

Во туристичката агенција „Савана“ годинава најбарани се чартер летовите за Турција и Египет.

– За Египет цените се атрактивни, а и тоа е дестинација која има многу што да понуди. Погодна е и за семејни одмори, но и во други комбинаици. Исто така и Анталија е хит, бидејќи има летови три пати неделно, а Грција е традиционално барана во форма на приватно сместување, главно регионот на Халкидики, Пиерија, Јонскиот брег, Скијатос. Луѓето сакаат да патуваат и на егзотични дестинации како Малдиви, Тајланд, Бали, Куба. Со оглед на тоа што се повеќе авиокомпании летаат и имаат конекција со Скопје, цените се сè поповолни. Цените зависат од многу фактори, но на пример на Малдиви се движат од 900 евра по лице за седум ноќевања, на Тајланд 1.000 евра за 10 ноќевања – вели Ана Крстевска – Каламадевска, директор за продажба на „Савана“.