Калина и Александар, планинарите кои животот трагично го загубија искачувајќи го врвот Кајмакчалан денеска беа погребани на градските гробишта во Скопје. Смртта на младите планинари отвори многу прашања, а јавноста веќе цела недела бара одговори зошто и како се случи трагедијата. По неколку дневниот молк и без конкретен одговор на прашањата за кои ги прозваа семејствата на загинатите планинари на социјалните мрежи се огласија од друштвото „Трансверзалец“ кои го организираа искачувањето. Оттаму велат дека сите информации за несреќата ги доставиле надлежните институции.
„Клубот ги достави сите потребни информации до соодветните институции и ќе излезе со изјава во петок по завршувањето на истрагата и објавување на извештајот“ – ДПС „Трансверзалец“
Истрагата за трагичната несреќа се води во соседна Грција, а откако ќе го добиеме извештајот, ќе одлучиме дали да покренеме истрага– велат од ОЈО за Телевизија 24.
Оттаму посочуваат дека се чекаат наодите од обдукцијата, извештајот кој што го најавија од планинарското друштво, како и извештајот од грчката страна. Неофицијално велат дека е извесно дека ќе се одземаат лиценци, но неизвесно е дали некој и кој би можел да понесе кривична одговорност.
„Јавното обвинителство ја чека документацијата и извештаите кои треба да пристигнат од Република Грција.Извештајот до овој момент не е пристигнат до обвинителството, кога ќе пристигне ќе ги разгледаме сите детали и ќе може да се утврди дали има елементи на сторено кривично дело и евентуално да се бара кривичната одговорност“ – ОЈО
Извештајот ќе биде готов во наредните неколку дена велат од грчка страна. Од грчкото министерство за внатрешни велат – се уште е рано да обвините некого, истрагата е во тек, а не ги знаеме временските услови кога започнало искачувањето.
„Сите детали ќе бидат напишани во конечниот извештај. Се уште е рано некој да биде одговорен или некого да обвиниме“, велат од грчкото МВР за Телевизија 24.
Федерацијата на планинарски спортови на Македонија соопшти дека формирале посебна комисија од нивни членови и експерти која ќе ги анализира околностите под кои загинаа двајцата планинари. Родителите на Калина и Александар пред неколку дена испратија писмо до јавноста во кое изразија сомневање во професионалноста на организаторите, и побараа одговорност зошто и покрај лошите временски услови се продолжило со искачувањето на врвот Кајмакчалан. Од федерацијата на планинарски спортови веќе и потврдија дека организаторот на турата Зоран Костадинов немал лиценца за организирање на зимски тури. Токму него семејствата на загинатите го посочија како најодговорен.