Грчката опозиција бара одговор дали и натаму се преговара за „Илинденска Македонија“

Молкот од грчкиот премиер Алексис Ципрас за предлогот кој дојде од Скопје „Република Илинденска Македонија“ создава загриженост кај Грците во однос на тоа дали предлогот сѐ уште е на преговарачката маса, смета потпретседателот на грчката опозициска партија Нова демократија, Костас Хаѕидакис.

Хаѕидакис вели дека партијата, преку нејзиниот претседател Мицотакис, во средата двапати во грчкиот парламент „побара од премиерот да разјасни дали продолжува да разговара за името Илинденска Македонија“. Ципрас двапати се направил дека не го слушна, додава претставникот на опозициската Нова демократија.

„Неговиот молк на Грците им создава оправдана загриженост дека овој неприфатлив предлог, што е олицетворение на скопскиот иредентизам, уште се наоѓа на преговарачката маса. Господинот Ципрас треба денеска и јасно да одговори на прашањето на Нова демократија“, вели Хаѕидакис во неговата изјава.