
Грчката влада објави во саботата дека вложила жалба на административната одлука за одобрување на барањето за азил на турски војник кој побегнал од татковината по неуспешниот обид за воен преврат од 16-ти јули 2016 година.
Револтирана од одлуката за доделување азил на еден од осумте турски офицери кои пребегнаа во Грција во јули 2016 година, Турција претходно во саботата објави дека тоа ќе влијае врз билатералните односи со Атина и на соработката во регионот.
„Грчката влада поднесе барање за поништување на одлуката за азилот којашто ја донела комисијата“, соопштија од кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас кој неодамна беше домаќин на историската посета по 65 година на Атина на турски челник, кога го пречеа претседателот Реџеп Тајип Ердоган.
Азил му е одобрен на копилотот на воениот хеликоптер кој ја превезувал групата офицери којшто ноќта на 16-ти јули 2016 година се спуштил во Александруполис, грчкиот град на границата со Турција.
Одлуката во петокот ја донела комисија за доделување азил којашто ја сочинуваат судии и правни стручњаци, а тие врз основа на извештаите на активистички групи за човекови права и на Советот на Европа оцениле дека Турција „редовно ги крши човековите права“.
Судиите, исто така, оцениле дека не постојат никакви докази дека копилотот на хеликоптерот учествувал во обидот за државен удар, па дури можеби и не ја знаел крајната дестинација на лето кога полетал од Турција. Одлуката за одобрување азил за седумте други турски воени лица, грчката комисија треба да ја донесе следните седмици.
Турција протестираше против ваквата одлука и ја нарече „политички мотивирана“ и ха обвини Грција дека „дава засолниште на пучистите и ги дочекува со раширени раце“.
„Грција не покажа поддршка и соработка којашто ја очекуваме од сојузниците во борбата против тероризмот“, соопшти во саботата ноќта турското министерство за надворешни работи.
Околу 50.000 лица се уапсени по неуспешниот обид за воен преврат од ноќта на 16-ти јули, а околу 150.000 лица добиле отказ или се суспендирани во војската, полицијата, образовните институции и јавната администрација, под обвинение дека се поврзани со движењето на исламистичкиот проповедник, имамот Фетула Ѓулен, кој од 1999 година живее во доброволен егзил во американската сојузна држава Пенсилванија.
Официјална Анкара го обвинува Ѓулен и неговото движење коишто поседуваше голем број медиумски куќи и приватни образовни институции од детски градинки до универзитети, дека создавале „паралелна држава“ во турското општество, како и за неуспешниот обид за преврат. Покрај тоа, движењето коешто турските власти го именуваат како FETO, е забрането и прогласено за терористичка организација.
Ѓулен ги негираше овие обвинувања, а САД досега не одговорија позитивно на неколкукратните барања на Турција да ѝ биде екстрадиран, што доведе до тензии меѓу двете сојузнички земји со најголеми војски во НАТО алијансата.