Грчки Медиуми: Притисок врз Грција за Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО

платформа

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас на последниот Совет за надворешни работи на ЕУ во Луксембург бил вербално нападнат од некои негови колеги од ЕУ во врска со прашањето за името, јавуваат грчките медиуми, пренесува МИА.

Најновите информации ја разјаснуваат изјавата на Коѕиас во Луксембург, во која најмногу се осврна на ситуацијата во Македонија која всушност била одговор на она што се случувало на состанокот зад затворени врати.

Имено, според некои грчки медиуми, Коѕиас на состанокот претрпел „без преседан и прилично методички вербален напад, во најмала рака неетички за европски дипломати“.

Министрите за надворешни работи на Германија, Холандија и Австрија директно ја обвинија Грција за опасната политичка нестабилност која постои во Македонија. Тие тврдеа дека „ветото“ на Грција на изгледите на ПЈРМ за влез во НАТО и ЕУ, со нејзиното уставно име „Македонија“ создало сериозни внатрешни проблеми во оваа држава, кои резултираа со одложување на парламентарните избори, закажани за 5 јуни, и проблеми со политичка нестабилност, пишува весникот „Параскинио“.

Весникот додава дека „политичката нестабилност и онака лесно се шири низ Западен Балкан, откако еднаш ќе се поврзе со националистички и иредентистички барања на малцинствата“.

Европските министри за надворешни работи тврдат дека инсистирањето на Грција за прашањето за името на Скопје е контрапродуктивно, не е во согласност со европските вредности и принципи и, воглавно ги „заглави“ земјите на ЕУ, кои само поради солидарност со Грција се уште ја немаат признаено ФИРОМ со нелегитимното име „Македонија“, како што тоа го направија 134 држави членки на ОН, вклучувајќи ги и САД, Кина и Русија, и не се започнати утврдените постапки за пристапување на Македонија во ЕУ, наведува „Параскинио“.

Коѕиас, како што изјави и после состанокот, на европските дипломати им одговорил дека во 1997 година, кога Атина стави вето на Турција поради кипарското прашање, сите во Турција рекле дека откако Грција ќе го укине ветото, Турција ќе стане членка на Европската унија веќе следниот ден, и оти во земјата нема да има демократски проблеми.

Се докажа дека од 1997 година до денес – 19 години, а 17 од Тампере и Хелсинки, каде што беше укинато ветото – проблемите од тоа време продолжија да постојат во Турција и денеска, и во односите на Турција со Европската унија. Јас не барам кој или што е виновен. Јас го проценувам фактот, одговарајќи кусо, како што и направив, на аргументот дека ако ние не ставевме вето поради спорот со името, Македонија денес ќе беше стабилна. Развојот на настаните во односите меѓу ЕУ и Турција покажа колку тие изгледи се погрешни, изјави тогаш Коѕиас.