Како значителна, голема и убедлива победа на актуелниот претседател Ѓорге Иванов грчкиот печат ја претставува предноста од над 100 000 гласови за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ по првиот круг од претседателските избори.
“ Актуелниот претседател на Македонија и кандидат на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов има големо водство пред неговиот опонент на денес одржаните претседателски избори”, се вели во текстот на “Елефтеростипос”.
Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, грчките медиуми пренесуваат дека Иванов им се заблагодарил на граѓаните, додека Пендаровски се правдал обидувајќи се да им го подигне моралот на приврзаниците.
“ Опозицискиот кандидат Стево Пендаровски пак, во обид да го подигне моралот на неговите приврзаници, се правдаше дека резултатот што го постигна во првиот круг не бил пораз ако се земела предвид целокупната политичка клима што се создала во земјата и уцените и притисокот врз гласачите од страна на владата на Никола Груевски”, се вели во текстот на“Прототема”.
Според ТВ “Космос” пак, премиерот Груевски во празнична атмосфера нагласил дека првата рунда од претседателските избори гарантира ре-избор на Иванов и голем победа на ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни, додека пак лидерот на СДС, Зоран Заев, нотирал дека исходот од првата рунда на изборите не е она што опозицијата го очекувала и тоа поради наводното местење на изборите од страна на владејачката партија.
Иако ги пренесуваат обвинувањата на Заев и Пендаровски за наводно местење, грчките медиуми сепак информираат дека изборите во Македонија минаа без проблеми.
“ Вчерашните избори кои што минаа глатко и без инциденти беа надгледувани од околу 326 надгледувачи од ОБСЕ / ОДИХР, од Совет на Европа и од странските амбасади во Македонија, како и од околу 8300 локални набљудувачи”, се вели во текстот на дневниот весник “Кердос”.
“Иванов е победник” е насловот под кој “Та неа” пишува дека мандатот на претседателот на Македонија е пет години и дека иако неговите овластувања се лимитирани, тие се однесуваат и на прашања од надворешната политика и безбедноста.
Исходот од вчерашниот изборен ден во Македонија не е изненадување ниту за јужниот сосед, ако се земе предвид дека во грчкиот печат од самиот почеток на кампањата доминираа предвидувањата дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има двојна победа на претседателските и парламентарни избори.
Атина и натаму со големо внимание ги следи изборите во нашата земја, особено од аспект на различните позиции на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во однос на прашањето за името.
Во тој контекст, Пендаровски и СДСМ кај јужниот сосед се доживуваат како флексибилни и подготвени за виткање кичма, наспроти Иванов и ВМРО-ДПМНЕ чии ставови според Грците, се цврсти и непопустливи.