Грчките медиуми за настапот на Тамара Тодевска на Евровизија

„Не беше меѓу првите 10 на обложувалниците, но направи изненадување“; „Песната може да ја сметаа за аутсајдер, но се покажа дека има динамика“, се дел од коментарите во грчките медиуми по вчерашниот настап на Тамара Тодевска на Евровизија, а насловот што преовладува е дека „Северна Македонија беше големото изненадување на Евровизија“, јави дописничката на МИА од Атина.

Високиот пласман на Тамара го предвиде и грчкиот сценарист, актер и водител Јоргос Капуѕидис кој заедно со новинарката Мариа Козаку, го коментираа годинешното издание на Евровизија на грчката државна телевизија ЕРТ.

Ова е песна која во обложувалниците не е меѓу првите 10, но може да направи изненадување и може да има многу висок пласман, рече Капуѕидис веднаш по настапот на Тодевски, на што се надоврза новинарката.

„И ќе биде пријатно изненадување бидејќи е убава песна, рече Козаку за време на преносот на ЕРТ“ пренесе МИА.

Пред настапот на Тодевска, водителот на гледачите им објасни дека името „поранешната југословенска Република Македонија под кое соседите настапуваа од 1998 веќе се замени со Северна Македонија“.

Ново име но не и ново лице, бидејќи Тамара Тодевска по четврти пат доаѓа на Евровизија, но прв пат сама, рече водителот.

Коментаторите на Евровизија на државната телевизија ЕРТ, на неколку пати додека траеше гласањето од жирито коментираа дека Тодевска имаше одличен, динамичен и емотивен настап, но и дека „во Скопје живеат историски моменти“.

Оналјн изданијата на грчките медиуми, во текстовите за Евровизија, коментираат дека „Северна Македонија беше големото изненадување“.

Можеби песната од Северна Македонија на Евровизија 2019 да се сметаше за аутсајдер, но сепак се покажа дека има динамика. Во гласањето на државните жирија од земјите на Евровизија 2019, 12те поени паѓаа како дожд од земјите, со резултат да биде на втората позиција, за малку губејќи го првото место од Шведска, пишува информативниот портал „Ајефимерида“ и додава дека поради малиот број гласови од публиката, на крајот се најде на осмата позиција.

„Пејачката со баладата „Proud“ има секаква причина да се чувствува горда бидејќи изнуди аплаузи од публиката, со резултат да е големо изненадување, пишува сајтот на неделникот „Прото тема“.

Не успеа да стигне на врвот, но настапот на Северна Македонија на Евровизија 2019 се издвои од другите. Баладата на Тамара Тодевска „Proud“ беше големо изненадување, а пејачката доби многу позитивни коментари, пишува информативниот портал „Зугла“.