Грчките студенти од септември на протести против укинувањето на имунитетот за универзитетските кампуси

Продолжуваме динамично од септември да се бориме против одлуките на владата, велат студентите кои вчера се собраа на протест во центарот на Атина, за да го изразат нивното незадоволство од законот за укинување на студентскиот имунитет, собир одржан во исто време додека грчкиот Парламент гласаше и ги изгласа измените.

Студентите со кои поразговара дописничката на МИА од Атина сметаат дека со новиот закон, полицијата ќе може своеволно да влегува и да интервенира во универзитетите.

„Ако владата наметне присуство на полиција на универзитетите, контрола кој ќе влегува кој нема да влегува и ако се обиде да го спречи студентското движење, ќе добие соодветен одговор“, коментира студентот Василис кој објаснува дека веќе постои мобилизација кај универзитетската заедница, студентите, вработените, па дури и дел од професорите кои им изразуваат поддршка на студентските движења кои го организираа протестот.

„Владата презентира една лажна слика за универзитетите, дека наводно таму се прават криминални дела, има трговија со дрога и постојат сомнителни елементи, нешто што во голема мерка е лага, бидејќи на универзитетите не постои криминал, како што има на други места“, вели студентка Андониа која додава дека не треба да се заборави дека падот на хунтата во Грција започна по студентскиот бунт.

Вчерашниот протест, за разлика од оној пред 15 дена, кога владата го најави законот, беше со многу помала масовност, но студентите во разговор за МИА коментираат дека причината е тоа што е период на летни одмори.

Во грчкиот Парламент вчера поминаа измените во законот со кои се укинува студентскиот имунитет. Владејачката Нова демократија и десничарско ориентираната партија Грчко решение беа „за“, Движењето за промена гласаше „присутно“,  Комунистичката партија против, а СИРИЗА и МЕРА25 не присуствуваа на гласањето, бидејќи претходно ја напуштија седницата во знак на протест против поднесените амандманите од министерот за труд.

Портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас во интервју за грчката телевизија „Алфа“ истакна дека со изгласаното „се враќа имунитетот на идеи и слободно изразување“, објасни дека со промените во законот, полицијата ќе може да интервенира доколку некој кој се гони за прекршок извршен надвор од универзитетот и се скрие во просториите на самиот универзитет и додаде дека не станува збор за патроли или строг полициски режим на факултетите.