Германската влада донесе во средата пакет мерки за штедење на енергијата, вклучително и ограничување на затоплувањето на работните простории на најмногу 19 Целзиусови степени.
Мерките, коишто би требало да бидат на сила до крајот на февруари следната година, предвидуваат повеќе да не се греат скалилата и ходниците, а на работните места кои бараат тешка физичка работа просториите би се загревале до најмногу 12 Целзиусови степени.
Од таквиот пропис се изземени медицинските установи, детските градини и училиштата.
На продавниците и деловните простори им е забрането долготрајно отворање на влезните врати за да се спречи губењето на топлината, а на приватните домаќинства греењето на базените со електрични или греалки на гас.
Владините мерки за штедење на енергијата се однесуваат и на осветлувањето на деловните објекти. Светлечките реклами, како и осветлувањето во излозите, нема да смеат да бидат вклучени од 22 до 6 часот наутро, со исклучок на излозите во пешачките подвозници.
Јавните објекти и згради повеќе не смеат да користат надворешни осветлување, вклучително и осветлувањето на културните споменици, одлучи германската влада.
Министерот за економија Роберт Хабек изјави дека со овие мерки може да се заштеди 2,5 отсто од вкупната потрошувачка на енергијата во Германија. Целта на сојузната влада, пак, е заштеда од 20 отсто.
„Се наоѓаме пред задача од национални димензии. Секој придонес се смета“, истакна министерот Хабек.