Шведската активистка Грета Тунберг им се придружи на демонстрантите кои маршираа кон грузискиот парламент во Тбилиси во понеделникот, кои протестираа против, како што велат, наместените избори минатиот месец.
Парламентарните избори во поранешната советска република се одржаа на 26 октомври, при што владејачката партија Грузиски сон, која се залага за прагматични односи со Русија, освои околу 54 отсто од гласовите.
Опозицијата одби да ги признае резултатите и смета дека тие се фалсификувани. Претседателката Саломе Зурабичвили ги поддржа овие тврдења, повикувајќи го народот да протестира и рече дека Грузија стана „жртва на руска специјална операција“.
Меѓутоа, во интервју за Ројтерс, таа посочи дека директно не ја обвинува Москва за мешање, велејќи само дека „методологијата што се користела за поддршка во изборите била руска “.
„Се разбира, ништо не можете да докажете“, призна таа, притоа укажувајќи на „јасните врски“ меѓу владејачката партија и Русија.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги негираше тврдењата за мешање во изборите, наведувајќи дека „На грузискиот народ е да се ги носи релевантните одлуки“. Тој, сепак, истакна дека Москва видела „невидени обиди за мешање од Западот“.
На 4 ноември, голем број демонстранти маршираа кон зградата на парламентот, веејќи грузиски, украински и знамиња на ЕУ, барајќи избори под меѓународен надзор. Опозициските водачи ветија дека ќе ги бојкотираат парламентарните седници, велејќи дека нема да го признаат „нелегитимниот“ законодавен дом.
Тунберг објасни дека пристигнала во главниот град на Грузија за да изрази солидарност со граѓаните кои излегле на улиците за да ги заштитат своите „фундаментални права“.
„Ова е безобразен и авторитарен развој… Имам голема почит кон луѓето кои повторно и повторно ги полнат улиците и го користат правото на демонстрации за да го изразат своето незадоволство од моменталната ситуација, и покрај угнетувањето“, додаде таа.
21-годишната активистка учествуваше на бројни собири во текот на изминатиот месец, вклучувајќи го и пропалестинскиот протест во Копенхаген, каде што беше дел од групата која се обиде да ја окупира зградата на универзитетот.