Народот ќе гласа за градоначалници и советници, но ќе го каже и своето мислење за директното свесно одење спротивно на волјата на граѓаните, порача Никола Груевски на митингот на Коалицијата во Центар.
Свесно оди спротивнона волјата на граѓаните со договорот со Бугарија. Свесно одат и со неуставните закони кои се обидуваат да ги поминат во Парламентот. Свесно одат против волјата на народот и со договорот кој го подготвуваат со соседна Грција. Тоа го прават свесно затоа што се свесни дека не е народот тој што ги донесе на власт, друг ги донесе. Затоа кон него се сервилни, а кон народот гледаат со потценување и ја потценуваат неговата интелигенција. И за тоа ќе гласа народот на 15-ти октомври, порача Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ говореше и за штетите кои СДСМ во изминативе месеци ги нанесе на македонската економија. Потсети дека извозот е намален, намален е и БДП, се намали и индустриското производство.
-Ветуваа дека просечната плата ќе биде 500 евра. Ај што излажаа, туку просечната плата опадна и се намали. Нема еден економски индикатор кој оди во нивна полза. Сите индикатори говорат дека Македонија оди во рецесија, дека економијата тоне и дека работите одат во лош правец. Во економијата надолниот тренд не се чувствува веднаш, треба малку време. 172 милиони евра се намалија девизните резерви. Во наше време 10 % од тоа да се намалеше, ќе направеа драма. Сега молчат, но народот гласајќи за Трајановски и Јовановски истовремено ќе гласа и за колапсот на економијата, рече Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека во новата ера ќе бидат отворени 150.000 работни места, невработеноста ќе се намали на под 10 %, граѓаните ќе гласаат за намалување на сиромаштијата за ¾, преполовување на невработеноста кај младите и за 2,5 пати зголемување на просечниот приход по глава на жител во Македонија.
-На крајот на 2006-та година кога дојдовме на власт во Центар имало 10.500 невработени луѓе во цела општина. На крајот на 2016-та има 3.180 невработени. Новата ера е намалување на невработеноста и отворање на нови работни места, истакна Груевски.