Во првиот полуфинален дуел од Европската лига, Арсенал и Атлетико Мадрид во Лондон одиграа 1:1 иако „топчиите“ повеќе од 80 минути имаа играч повеќе, а во вториот двомеч Марсеј на свој терен го совлада РБ Салцбург со 2:0.
Во десеттата минута до дуелот во Лондон беше исклучен хрватскиот репрезентативец Шиме Врсаљко. Првиот жолт картон го доби во уште во втората минута кога задоцни во стартот и го собори Џек Вилшир, а втората опомена и исклучувањето го заработи во десеттата минута кога го нагази Алексадер Лаказет. По две минути поради негодување на трибините се пресели и тренерот на мадридските „јорганџии“, Диего Симеоне.
Арсенал во првото полувреме имаа три одлични шанси, но Јан Облак одбрани фантастично докажувајќи зашто е во моментов еден од најбараните голмани на планетава. Двапати ги запре шутовите на Лаказет, а еднаш на Дени Велбек, Гостите во првото полувреме имаа само една прилика, кога Антоан Гризман шутираше од 12 метри, но Оспина одлично реагираше на голот на домаќините.
Притисокот на Арсенал продолжи и во второто полувреме и одбраната на Атлетико попушти во 61 минута кога Лаказет со глава го реализираше нафрлањето од Вилшир. Домашните не стивнаа со нападите и кога се чинеше дека со два гола предност ќе отпатуваат на реваншот во Мадрид, им подарија значаен погодок на гостите. Во 82 минута Гризман ја погоди противничката мрежа по големата грешка на Лорен Кошчиелни.
Во вториот полуфинален дуел Олимпик Марсеј го совлада со 2:0 РБ Салцбург. Марсеј дојде во водство во 15 минута преку Флориан Тивен на асистенција на Димитри Паје. Водството го удвои Клинтон Нжие во 63 минута, само една минута откако влезе во игра, и повторно на додавање од Паје. Австрискиот претставник имаше неколку убави можности за гол, но Јохан Пеле беше расположен во чувањето на домашната мрежа.
Реванш натпреварите се играат на 3-ти мај, а финалето е на 16-ти мај во Лион.