Грковска предлага за лицата кои се на некоја „црна листа“ со закон да не бидат пратеници, градоначалници, министри…

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, најави дека покренала иницијатива во Владата да се пристапи кон законски измени кои ќе оневозможат лицата кои се на листата на санкции на САД, на Европската Унија и на Обединетите Нации да бидат на каква било позиција или да се вработат во администрацијата.

Во вечерашното гостување на Сител, Грковска истакна дека се неопходни измени кои ќе предвидат дека доколку на некој функционер, кој што во моментот е на позиција, му биде изречена таква санкција, мандатот веднаш да му прекине.

– Затоа што однесувањето како ништо да не се случило, после изрекувањето на таквите санкции ја урива довербата во институциите и не придонесува кон градење на систем во кој што граѓаните можат да имаат доверба. А корупцијата ќе ја намалиме драстично во оној момент кога ќе се види дека системот функционира непристрасно и има казнивост и санкции за сите оние кои прекршиле етички и морални норми – рече Грковска.

Во таа насока, паралелно со зајакнување на критериумите за носителите на функциите, подготвиле и Предлог за измени и дополнувања на Законот за рестриктивни мерки, со кој, покрај правно обврзувачките резолуции на Советот за безбедност на ОН и правните акти на ЕУ, ќе се додадат и мерките на САД, како основ за законски рестриктивни мерки.

Вицепремиеркатаа Грковска истакна дека целта на Законот за конфискација на имот е да се докаже дека со санкционирањето на вакви лица, корупцијата е неисплатлива и дека имотот што го стекале на незаконски начин ќе биде одземен во законска процедура и ќе биде вратен назад на граѓаните.

Таа додаде дека преку овој закон, во ситуација кога нема доволно елементи за покренување на кривична постапка, во граѓанска постапка да може да се санкционираат лица кои имаат драстична разлика во она што го заработиле, од официјално пријавените приходи.

– Со ова законско решение ја надополнуваме онаа празнина кога за вакви лица, кога нема кривична постапка, нема кривично дело за кое може да се побара конфискација на незаконски стекнат имот, да побара од лицето да каже како го стекнал имотот и доколку не може да докаже, во законска процедура да му биде одземен имотот – појасни вицепремиерката.

На прашањето дали еден ваков закон може да биде употребуван за политички пресметки, Грковска истакна дека секој што на чесен начин го стекнал имотот, нема потреба да се грижи ако треба да докаже на каков начин е стекнат тој имот.

– Во предлог законот има дефинирани предуслови, врз основа на кои треба да се покрене постапка, за Финансиската полиција да започне со процесот, а во ланецот се вклучени низа институции – појасни Грковска и истакна дека овој закон има за улога да ги детектира и санкционира големите криминали.

Во Клубот на пратеници утре ќе биде одржана јавна расправа за предлог законот за конфискација на имот во граѓанска постапка. Предвидено е обраќања да имаат вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, министерот за правда Кренар Лога и Олег Солдатов, раководител на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.

По презентацијата на предлог законот и на меѓународните стандарди и компаративни искуства, ќе следи отворена дискусија за предложеното законско решение, на која стручната фела ќе има можност да ги сподели своите предлози и сугестии, соопшти владината прес-служба.