Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ) денеска порача дека народот нема да дозволи да се менуваат името и идентитетот на Македонија и оти никој не треба да дискутира за тоа ниту пак да има референдум.
– За името не треба да се дискутира, а не е потребен ни некаков референдум. Никој во Република Македонија го нема тоа право. Едноставно затоа што истото не е добиено на референдум ниту пак на референдум да се менува. Но, како што и Грците имаат свои црвени лини така и макадонската влада (држава) треба да има свои црвени линии, рече организацискиот секретар на ГРОМ Ѓорѓи Чакарјаневски на прес-конференција на која се осврна на објавите за можниот прием на државата во НАТО.
Според Чакарјановски, на сите им е јасно дека не е можно Република Македонија да биде примена во НАТО под привремената референца ФИРОМ. Инаку, посочи, тоа би го сториле досега и поспособни и повлијателни политичари од Зоран Заев.
– Заев е тој што е подготвен да го смени името, но Македонија не е. Народот на Република Македонија нема да го даде името и нема да го смени идентитетот, рече Чакарјановски.