Грпки на патот за електричните автомобили во Европа

Електричните автомобили се клучниот дел од европските планови за таканаречената зелена транзиција, меѓутоа патот пред нив е полн со препреки.

И покрај фактот дека од 2035 година во Европската унија ќе биде забранета продажбата на бензинските и дизелски автомобили, на континентот последните месеци запрена е продажбата на возилата со „нулта емисија“. Пазарниот удел на електричните автомобили се намалил од 14,2 отсто минатата година на 12 отсто годинава, што главно се припишува на германската одлука остро да ги запре субвенциите за купување електрични автомобили на најголемиот европски пазар.

Зигрид де Врис, извршна директорка на Европското здружение на произведувачите на автомобили (ACEA), изразува „загриженост“. Имено, помалку од 30 отсто од Европејците велат дека планираат да купат електрично возило, а повеќе од половината одбиваат да платат повеќе од 35.000 евра за автомобил, што е цената за којашто ретко може да се добие некое електрично возило.

„Рокот (2035 година) е пред вратата, особено кога зборуваме за производствените циклуси. Мораме да минеме од 15 отсто (автомобилите со нулта емисија) на 100 отсто за околу 10 години“, изјави де Врис на конференцијата за електричните возила во Лилестром во Норвешка.

Кон крајот на минатата 2023 година електричните возила го надминаа уделот од 5 отсто, што се смета за точка на масовното прифаќање, во 31 земја во светот, според новинската агенција Bloomberg. Меѓутоа, меѓу нив само се две третини од 27 држави членки на Европската унија.

Автомобилите се главниот начин на превоз на Европејците и на нив отпаѓаат 15 отсто од европските емисии на јаглерод диоксид. Возењето без емисии, поради тоа, е клучно доколку ЕУ сака да ги исполни своите климатски обврски.

Норвешка, којашто не е членка на ЕУ но е голем производител на нафта и гас, предничи во усвојувањето на електричните возила. Предводени од „Tesla“, електричните возила сочинувале 90 отсто од новорегистрираните автомобили во Норешка во првиот квартал годинава, благодарејќи на штедрите даночни поттикнувања.

Целта на Норвешка е да ја достигне границата од 100 отсто следната година. Произведувачите на автомобили како „Volkswagen“ и „Volvо“ веќе ја прекинаа продажбата на своите модели со внатрешно согорување во Норвешка.

Во другите земји, пак, електрификацијата на возниот парк главно е бавна. Велика Британија за пет години ја одложи забраната на новите автомобили со внатрешно согорување, којашто сега се очекува во 2035 година, а многумина сметаат дека таа цел во Европа ме е реално остварлива.

Јапонски „Nissan“, еден од првите традиционални производители на автомобили кој започна со производството на електрични возила, тврди дека падот на продажбата не го загрижува.

„Продажбата оди горе-долу и секогаш ќе биде така… Во последните две години имавме силен почеток на бранот на електрификација и сега помалку почнува нормализација на процесот. Сепак, гледаме јасен нагорен тренд“, вели за AFP Жујом Пелетро, потпретседател на „Nissan“ за електрификација и поврзани услуги.

Автомобилските концерни како „Volkswagen“, „Stellantis“ и „Renault“ планираат да ги претстават новите поевтини електрични модели во текот на претстојните месеци, но исто така се потпираат и на своите хибридни модел за да ја зголемат продажбата.

xr:d:DAFu5yyqgko:2,j:2394066615682583123,t:23091915

Една од главните пречки којашто ја наведуваат стручњаците во индустријата се проблемите со распространувањето на потребната инфраструктура за електричните возила.

Повеќе од половината станици за полнење на електричните возила во ЕУ се наоѓаат во само две земји членки – Германија и Холандија.

Во Шпанија, на пример, каде луѓето ги менуваат своите автомобили во просек на секои 14 години, 65 отсто од сопствениците паркираат на улица, со што полнењето станува предизвик, вели Изабел Горгосо од енергетската групација „Cepsa“. „Норвешка пред десет години, тоа е Шпанија денес“, вели таа.

Другите пречки се купот прописи во ЕУ за производителите на автомобили, до девет нови годишно, и националните политики кои постојано се менуваат, што би можело дополнително да се влоши со порастот на поддршката за европските популистички движења кои главно се скептични кон климатските промени, забележува AFP.