Претседателот на собраниската група за пријателство со САД, Артан Груби, воедно Претседател и на Комисијата за Европски прашања на Собранието, ја продолжи својата службена посета на САД со средби со повеќе свои колеги во Конгресот на САД, соопшти во средата Комисијата за европски прашања.
Груби се сретнал со конгресмените Питер Роскам, Роберт Адерхолт, Џон Ретклиф, Кени Бак, Џон Муленар и Деби Дингл како и други Сенатори и Конгресмени.
На сите средби, Груби говорел за неопходната потреба за активно и итно вклучување на Вашингтон во изнаоѓање на достоинствено решение за спорот со името со нашиот јужен сосед.
Истакнал дека парламентарното мнозинство и реформската влада имаат видливи и скоро одлични резултати во исполнување на домашните реформски задачи, заокружување на нормативниот дел на Охридскиот договор и го ратификувавме добрососедскиот договор со Бугарија.
„ Наша единствена пречка на патот кон НАТО и ЕУ е само спорот со Атина и САД можат да дадат ценет придонес во надминување на разликите како што придонесувале постојано во историски моменти за нас и регионот. Соговорниците, без исклучок, истакнаа огромна поддршка за Македонија, готовност да помогнат преку конкретни дела како и не охрабруваат да го направиме клучниот чекор кон полноправно членство во НАТО кој што ќе обезбеди оддржлив мир, сигурност, стабилност и економски развој“, рече Груби.
Побарал од сите соговорници конкретно да помогнат преку јавни ставови, писма и барања со Кабинетот на Претседателот на САД, итн, за уште поактивно вклучување на Вашингтон во изнаоѓање на достоинствено решение, при што тие се заложија да помогнат и да комуницираат со Стејт Департмент по однос на ова прашање.