Груби: Ги направивме сите потребни и непотребни компромиси, дури и најапсурдните за да заслужиме членство во европското семејство, сега редот е на ЕУ

Нашите граѓани немаат што повеќе да направат, што повеќе да придонесат, што повеќе да жртвуваат за европскиот сон, поради тоа што ги направивме сите потребни и непотребни компромиси, вклучително и најапсурдните, за да заслужиме членство во европското семејство. Затоа сега е ред на Европската Унија, порача првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.

На панел-дискусијата „Дваесет години по потпишувањето на Рамковниот договор: Република Северна Македонија и патот кон Европската Унија”, која по повод Денот на Европа ја организираше Центарот за европски истражувања и анализи „Еуропроспера“, Груби истакна дека сега е на тест европската храброст зашто сега се загрозени европските вредности.

– Очекуваме иста храброст од европските лидери која тие ја бараа од нас последниве две децении, од Охридскиот Договор до уставните измени, без одлагање, без оправдување – рече  Груби.

Тој нагласи дека тоа не е само одлука за европската иднина на Северна Македонија, туку е одлука и за опстанокот на сонот и иднината на Европската Унија.

Според него, 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор и 30-годишнината од независноста на државата се два момента на длабока општествена трансформација кои, како што рече, „колку што се одвоени, толку се сплотени – моменти на еден национален, регионален и европски 9 мај“.

Во обраќањето Груби се осврна на Охридскиот договор посочувајќи дека во неговата суштина тој е вредност на Европската Унија и е единствениот целосно успешен мировен договор, гарантиран од ЕУ, САД, НАТО и ОБСЕ, целосно имплементиран во нормативниот дел кој придонесе за нашата европска иднина.

– Од денешна перспектива гледаме колку апсурден беше тој отпор, тие протести, тие закани, тие стравови. Секогаш велам, колку е полојална државата кон граѓаните, толку се полојални граѓаните кон државата. Еднаквото општество, кон кое се стреми Охридскиот договор придонесе државата да ја чувствувам за моја и да се залагам колку што се залага и премиерот Заев, и претседателот Пендаровски за доброто на нашата заедничка татковина, да ја чувствувам како моја – додаде првиот вицепремиер.