Груби: Институциите нека го испитааат работењето на Дрин Ахмети, ако е сѐ законски и е амбиција на млад дечко, очекувам сите на крај да му се извинат

-Доколку има нешто незаконско, нека си постапат институциите, доколку е сѐ законски и е амбиција на млад амбициозен дечко, би очекувал сите да му се извинат на крај – рече вицепремиерот Груби во гостување на ТВ Сител, во врска со бизнисите на Дрин Ахмети.

-Бараме сеопфатна истрага, не само за Рамиз Мерко, туку и за Али Ахмети, па сѐ до последниот член на ДУИ, и не само за периодов, туку од 2002 до 2023 година, изјави првиот вицепремиер на Владата во вечерашното гостување на ТВ Сител.

На прашање во врска со случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на кој САД му забрани влез во нивната држава поради корупција, Груби рече дека ДУИ ја прифати политиката на санкционирање и ја примиле одлуката на Стејт департментот.

– ДУИ ја прифати таа политика на санкционирање и ја поддржа. Ја примивме одлуката на Стејт департменот, ја почитуваме, согласно тоа и се донесоа одлуките во партијата во однос на членството на господин Мерко во Централното претседателство, во Генералниот совет, во партијата воопшто – рече Груби.

Околу случајот со внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Дрин Ахмети, кој е еден од купувачите на деловниот центар „Соравија“, Груби изјави дека не е тој да гледа дали има нешто спорно, тоа треба да го сторат надлежните институции.

– Има Државна комисија за спречување на корупција, Јавно обвинителство, нека си постапат согласно нивните ингеренции и нека утврдат тоа што е вистинско, а не вака, да има медиумско препукување и употреба за дневна политичка агенда – рече тој.

Одговарајќи на прашањата за наводите кои што беа изнесени во јавноста во врска со бизнисите на Дрин, тој рече дека нема информација и повторно посочи на надлежните институции.

– Немам никаква информација во однос на бизнисите на Дрин, или на кој било друг, затоа што се тоа се приватни бизниси. Ако има нешто незаконско, нека си постапат институциите. Доколку е сѐ законски и е амбиција на млад амбициозен дечко, би очекувал сите да му се извинат на крај – рече вицепремиерот.

Во однос на прашањето за ДКСК, Груби изјави рече дека ѝ верува на институцијата, меѓутоа има сомнеж на капацитетите на истата.

– Огромно мнозинство од случаите се или изгубени во административни постапки или отфрлени од страна на судиите за тоа што го работи ДКСК и се надевам дека следниот состав ќе биде навистина сериозен, немаат ниту еден успех откако се на мандат, рече тој.

Актуелен шеф на обвинителството за организиран криминал и корупција е Ислам Абази, сосед на лидерот на ДУИ Али Ахмети во неговото родно место Зајас. При неговиот избор на местото на неговата претходничка Вилма Рускоска во јавноста беа објавени негови фотографии во лежерно друштво со високи претставници на ДУИ, како илустрација на неговата блискост со партијата на Ахмети, но тој тоа го негираше и велеше дека средбите биле случајни.