И кога Скендербег војувал и кога Гоце Делчев војувал, некои ги нарекувале предавници, но тие денеска се нашите херои, рече пратеникот на ДУИ, Артан Груби, на седницата за ратификација на договорот со Грција алудирајќи на тоа што претставници од власта и владејачкото мнозинство беа нарекувани „предавници“ од противниците на договорот.
Како е можно НАТО, Европската Унија, САД, Германија, Велика Британија, Франција.. да се во право, да посакуваат евроатланска Македонија, а само една политичка партија да е против. Кој е во право? Таму каде што се сите таму и ние припаѓаме – рече Груби.
Денешниот ден е крстосница која има четири насоки, рече пратеникот наведувајќи дека првата е самотија и изолација, втората е дестабилизација и несигурност, третата е исток, а четвртата е запад.
Денеска се раѓа вистинско сонце на слободата. Денот утре секако ќе се раздени, а како ќе се раздени зависи како ние денеска работиме – рече Груби и им порача на пратениците дека зеленото копче пред нив е за оние кои ја сакаат Македонија.
Пратеникот порача дека пред се гласаат за иднината, за нивните деца, а не за да ги пишува во учебниците по историја.