Груби, како што соопшти Комисијата за европски прашања, изразил благодарност за стратешкото партнерство и поддршка на САД за Република Македонија низ сите години и убеденост дека таа поддршка нема да изостане ниту, како што рекол, во овие пресудни времиња.
Монтгомери посочила дека дека САД ги поддржуваат евроатлантските стремежи на Македонија, дијалогот со соседите и реформската агенда што, како што рекла, треба да овозможи владеење на правото, демократско владеење и кредибилни институции.
Таа истакнала и дека има оптимизмот во Белата куќа во врска со позитивните вести кои што доаѓаат од Македонија и го истакнала моментот на огромна можност за реализација на заедничките цели.
Груби на средбата повторил дека владината коалиција ги решава своите домашни задачи за да им помогне на пријателите на Македонија да имаат што е можно посилни аргументи за нашиот случај.
„Реформите, исполнување на сите очекувања од Брисел, Охридскиот договор и добрососедството се на одличен пат да се реализираат целосно. Но, сепак, ни преостанува уште спорот со нашиот јужен сосед за кој што очекуваме директна помош од САД во правец на изнаоѓање на достоинствено решение“, истакнал Груби.
Оваа година, рекол Груби, е пресудна, клучна и историска затоа што сме најблиску до конечно решение, а веќе следната година е изборна во Македонија и Грција, но и во Европската Унија при што ќе има нов Европски парламент и комисија.
На средбата упатил покана до заменик претседателот на САД, Мајк Пенс, да ја посети Македонија што е можно поскоро.
Груби го посети и Пентагон за време на неговата посета на САД, каде што се сретна со високата претставничка на министерството за одбрана, Лаура Купер, заменик-државен секретар за одбрана на САД. На средбата се констатираше одличната меѓусебна соработка на полето на одбраната и борбата против тероризмот.
Купер истакна ладека поддршката на САД на полето на одбраната за Македонија е висока и константна, при што изразила целосна поддршка за македонските евро-атлантски аспирации и напори да ги надминеме сите пречки на тој пат, при што охрабрува да се продолжи со напорите и реформите во земјата, додека поддршката на САД нема да изостане.
Високата претставничка на Пентагон нагласила дека од интерес на САД е да ја видат Македонија во НАТО и затоа ја реафирмира поддршката додавајќи дека нејзината скорешна посета на Македонија поминала во конструктивни средби.
Груби говорел за пресудната улога на САД во последните две декади во Македонија и регионот и истакна дека сите наши успеси се резултат на заедничките напори. Затоа, рече, последните чекори кон целта треба да ги изодиме заедно, храбро и да ја реализираме заедничката цел, Македонија членка на НАТО и Европската унија.
„Македонија продолжува со интензивно темпо да ги спроведува реформите, да го закоружи нормативниот дел од Охридскиот договор и да ги решава споровите со соседите по примерот на договорот со Бугарија. Затоа, сега е времето за НАТО и сите наши напори и енергии се концентрирани кон реализација на проектот што ќе ни обезбеди мир, стабилност, сигурност и е предуслов за економски развој“, рекол Груби.
Соговорниците, исто така, разговараче и за борците во странски конфликти, тероризмот и екстремизмот.