ДУИ ќе ја почитува внатрепартиската одлука на СДСМ за избор на нов претседател кој е најавен дека ќе биде избран на 12 декември. Првиот вицепремиер Артан Груби, денеска изјави дека тоа е нивно внатрешно партиско прашање кое што тие го почитуваат и нагласи дека им посакува голем успех на 12 декември на внатрепартиските избори за партиски лидер.
– Ние ќе ја почитуваме таа одлука и ќе го прифатиме секако вердиктот на сите нивни членови коишто ќе одлучат кој ќе биде нивниот следен лидер на 12 декември. Во однос на оставката на местото премиер на Владата на Република Северна Македонија сметаме дека за тоа треба да се почека. Имаме многу битни прашања пред нас во месеците коишто следат и сметаме дека заедно со г. Заев на чело на таа Влада ќе треба да ги заокружиме сите тие процеси, вклучително и испраќање на позитивен одговор на сите прашања коишто се дел од дијалогот со соседна Бугарија за да се откочи патот кон добивање на датум за првата меѓувладина конференција и отпочнување на преговори за членството во ЕУ, рече Груби, кој заедно со европратеникот Илхан Ќучук го посетија ОУ „Исмаил Ќемали“.
Во однос на парламентарното мнозинство, дополни, Груби, ги видовте и вчера ставовите и на СДСМ и на Алтернатива, а тоа ние веќе го кажуваме од денот кога имаше интерпелација на Владата, гласање за недоверба дека парламентарното мнозинство е стабилно и ќе продолжи и тоа го демонстриравме најдобро можно на денот кога требаше да се гласа во Собранието. -Впрочем со тоа ги убедивме граѓаните дека е неуспешна иницијативата на опозицијата за да се сруши ова прогресивно парламентарно мнозинство и очекувме дека и другите политички партии коишто беа дел од таа иницијатива да се приклучат кон парламентарното мнозинство и да не станат дел од мрачни сценарија за нашата земја која што очекува да го реши спорот со Бугарија, наведе Груби.
Имаме, посочи, многу позитивна атмосфера, тоа го говоревме и со европратеникот и сме подготвени да дадеме одговор на сите тие прашања.
Тој воедно истакна дека Заев има директни контакти со Алтернатива и ги информира.
– И ние сме имале контакти со членови на партијата, секојдневно се среќаваат нашите пратеници со нивните пратеници. Какко што реков, апсолутно добредојдени се сите што саката евроатлантска Република Северна Македонија во добри односи со сите соседи и во одлични односи помеѓу заедниците во нашата земја. Сите тие пратеници коишто сакаат таква една развојна прогресивна Македонија се добредојдени затоа што само така ќе ја унапредиме државата, рече Груби.
Порача дека не е време за кризи.
– Апсолутно не е време за кризи. Време е да ги засукаме ракавите и навистина да испорачаме како што испорачавме НАТО, како што испорачавме со Преспанскиот договор така и да испорачаме и со Добрососедскиот договор. И Охридскиот рамковен договор го испорачавме. Граѓаните немаат време да се тормозат од трагедија па се до неизвесности. Мора да има извесност во нашата држава каде и што ќе се случи утредента, а тоа што утредента е единствената желба на сите граѓани да ја видат нашата држава во ЕУ, изјави Груби