Груби се крие во албанското туристичко место Хамалај?

Најновата неофицијална вест е дека поранешниот вицепремиер, Артан Груби, осомничен во случајот „Лотарија“, престојува во Албанија, во близина на Драч, во месноста Хамалај, позната по прекрасни песочни плажи и приватност.

Информациите во медиумите за локацијата на Груби протече од членови на Владата и одредени институции кои имаат неофицијални информации дека Груби престојува покрај Јадранско море. Претходно, вицепремиерот Изет Меџити, во интервју за албанската „Ора њуз“ рече дека и, според неговите информации, Груби не е повеќе во Косово, туку во Албанија.

„Со бегството тој ја докажа вината и затоа побегнал од државата. Мислам дека денес, утре или задутре, тој еден ден ќе се соочи со правдата“, рече Меџити.

Бизнисменот и почесен конзул на Косово, Арсим Папранику, во полиција дал исказ дека на 15 декември го одвезол поранешниот вицепремиер Артан Груби до Тирана, каде пиеле кафе и го оставил во хотел близу стадионот, пишува „Фокус“ повикувајќи се на полициски извори и извори од владата. За поранешниот вицепремиер Груби, кој е осомничен за проневера од 8 милиони евра во Државна лотарија, премиерот Христијан Мицкоски рече дека не сака да шпекулира дали побегнал во Албанија или во Косово.

„Факт е дека не бил „чист како солза“, бидејќи ако бил, немало потреба да биде бегалец од правдата – ќе дојде тука и ќе ја брани својата невиност“, рече Мицкоски, кој смета дека тој не е политички бегалец, туку бегалец од правдата и затоа очекува да не добие азил во странство.

Груби, на 15 декември, замина од Македонија преку граничниот премин „Блаце“ за Косово. Иако беше ставен на „стоп-листа“ по наредба од јавен обвинител, беше пропушен од полициијата. Тој беше во друштво на бизнисменот и почесен конзул на Косово, Арсим Папранику. Внатрешната контрола при МВР утврди дека полицискиот службеник ги завел Груби и Папранику дека пешки ја минале границата, не го евидентирал возилото и не почекал системот да јави дали има активна мерка.

Од СДСМ обвинија дека, ВМРО-ДПМНЕ го пушти Груби да избега и атоа сметаат дека одговорноста за бегството е целосно кај нив и МВР.