Груби: Се надевам дека цела ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставни измени, а потоа истиот ден ќе го распуштиме Собранието и ќе одиме на избори

-На вчерашните средби со Ескобар воопшто не се разговараше за предвремени избори, туку единствено за успешно завршување на уставните измени и продолжување на европскиот пат, изјави денеска вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.

На настанот по повод отворање на третото издание на културно – научна манифестација „Деновите на Гонџе”, Груби, одговарајќи на новинарско прашање истакна дека на средбите била нагласена голема поддршка од САД за зачленувањето на државата во ЕУ, како и за уставните измени.

-Се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ која има своја програмска определба да ја зачлени нашата земја, конечно ќе смогне сили, ќе се надмине себеси, ќе гласа и ќе го тргне ова прашање од дневната политичка агенда затоа што тоа е во интерес на сите граѓани, изјави Груби.

Посочи дека два месеца откако се усвоени техничките амандмани во Влада и во Собрание, немало дебата во јавноста по однос на нивната содржина.

-Гледаме дека два месца по усвојувањето на техничките амандмани на Уставот во Владата и поднесувањето во Собранието апсолутно нема никаква дебата во однос на содржината на амандманите, ниту од академската заедница, ниту од невладините организации, ниту медиумите, туку дебатата се води единствено по однос на политички прашања дали да има предвремени измени, дали да се формира ваква или таква Влада, а не по однос на тоа дали се добри или лоши, дали губиме или добиваме, истакна Груби.

Тој уверува дека истиот ден кога ќе се изгласаат уставните измени, Собранието ќе се распушти и ќе се одржат предвремени избори.

-Имаме контакти, средби со партијата, се гледаме во Собранието, секојдневно се обидуваме да ги убедиме, иако јас знам, длабоко сум убеден, ги познавам и тие сами знаат дека ова не и прави ништо лошо на нашата заедничка држава и се надевам дека ќе се најде начин, не само со дел од пратениците, туку со цела ВМРО-ДПМНЕ, да одиме напред. Потоа ако сакаат можеме истиот ден да го распуштиме Собранието и да одиме на предвремени избори, уште на самиот ден кога ќе гласаме за уставните измени. Исто подготвени сме сите да дадеме оставки, дадовме веќе, ги поднесовме до премиерот и се откажавме од идејата да имаме прв Албанец премиер на Владата, само да ја видиме зачленета во Европска унија, порача вицепремеирот.