Груби верува во конструктивноста на Бугарија и открива француска „врска“ во релациите со Софија

Апсолутно постои оптимизам за преговори и за добивање позитивен сигнал на декемврискиот самит на ЕУ за отпочнување на преговори за нас и за Албанија во првите месеци од следната година, изјави денеска првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците.

Тој додаде и дека постои француска иницијатива за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија.

– Ние работиме, одговорите на нивните барања се веќе испратени и може да се разговара по однос на тие одговори со новата Влада во соседна Бугарија и се надевам дека конструктивно ќе пристапиме и ќе ги решиме сите отворени прашања затоа што очекуваме конструктивен пристап и од нашите бугарски колеги – рече Груби.

Прашан како ја толкува вчерашната порака од Бугарија дека нема да се промени нивниот став, Груби повтори дека се надеваат на конструктивен пристап од бугарска страна.

– Имаме нова влада која треба да се избере. Ќе комунуцираме со новата влада, која е резултат од изборите коишто само што завршија во соседна Бугарија и се надеваме на тој конструктивен пристап затоа што кај нас има подготвеност за компромис којшто е достоинствен и за нашата земја посебно за моите сограѓани Македонци – заклучи Груби.