Во продолжение следува интегрален текст од објавата на Груевски.
Ова се должи на добрата бизнис клима, политиката на привлекување на странски инвестиции, поддршката на домашното стопанство… Дотолку повеќе ова е значаен успех бидејќи доаѓа во време на тешка политичка криза, на уцени, превирања, деструкција, на тенденции за кантонизации, разградувања на државата… но, само доколку искрено се работи, и покрај сите удари цврсто се верува во она што се работи, резултатите се неизбежни. Тоа најдобро го знаат 168-те илјади граѓани кои добија работа во последниве 10 години, од кој според извештаите на ДЗС, околу 8 илјади во последното тромесечие.
Инаку имаме пад од над 14% на невработеноста, од 38% во 2005-та, на досега рекордни 23.4%. Тоа е така бидејќи ние силно се посветивме на решавање на овој најголем проблем за граѓаните. Политичарите се вреднуваат, не по зборовите, туку по делата зад себе. Јас нема како моите конктуренти да зборувам за апстрактни поими или пак за поделби, федерализации, јас ќе продолжам да зборувам за она што го прави животот подобар, новите работни места и подобрување на животниот стандард. Ние ќе продолжиме со таквата политика и во наредниот мандат ќе отвориме нови 70 илјади работни места за дополнителен пад на невработеноста на 18%, односно 17%. Можам да кажам дека успеваме во она што ни беше првенствена цел кога ја добивме одговорноста од граѓаните, да ја намалиме невработеноста. И да, се исплатеше секој напор, многуте часови посветена работа.
Ова е заеднички успех, успех на сите граѓани. Ова е нашата победничка Македонија каква граѓаните ја сакаат и заслужуваат. Ова дава и одговор на прашањата кој може подобро да работи за иднината на граѓаните, кој подобро се справува со проблемите, кој отвора работни места, носи инвестиции, кој е подобар за иднината на граѓаните? Затоа овие избори се многу важни, бидејќи ова е одлука со која секој граѓанин одлучува за себе, но и за Македонија.