Груевски: Децата од прво до петто одделение во Гази Баба ќе добиваат бесплатен здрав оброк и семејствата ќе можат да се стекнат со сопствен дом

Дојде време на политички реваншизам каде што се даваат големи казни за најмали прекршоци, кои се политички од спротивната страна на власта, а најтешките криминалци и сторители на свирипи убиства по етничка основа се пуштаат на слобода, ова денеска од митингот во Автокоманда го потенцираше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

„Сево ова време додека тие прават спектакли економијата тоне, индустриското производство паѓа, а се намалува и девизните резерви. Од странски инвестиции нема ништо, а и постојните размислуваат за заминување, просечната плата не расте како што тие ветуваа, таа паѓа, а зголемување на пензиите нема иако имаше ветување. Наспроти лагата на СДСМ за зголемување на пензиите во времето на ВМРО-ДПМНЕ без малку дупло се зголемија и тоа е разликата помеѓу нив и нас. Сиромаштијата расте, државата е на колена, но тие не заборавија да го склучат штетниот договор со Бугарија уште првата недела од нивното доаѓање на власт. Ние немаме никаков проблем за Бугарија, таа е наш сосед и ние треба да живееме во слога и хармонија, но тие го прифатија откажувањето на македонското малцинство во Бугарија, како и прогласување на заедничка историја. Тие го најавуваат и договорот со Грција каде што планираат да прифатат се и да го променат името, јазикот, нацијата и ќе го лажат народот преку медиумите дека сето тоа е добро и дека треба да бидеме среќни, тоа е редефинирањето на државата“, истакна Груевски.

Тој додава дека нема да дозволат тие да бидат скршени ниту пак да бидат уплашени бидејќи заеднички ќе се спротистават на оваа власт.

„Да не дозволиме апсолутна власт во државата, да не дозволиме да ги одземат бастионите на ВМРО-ДПМНЕ, од нас зависи. Во сите овие години кога тие беа на власт, но и овие пет месеци тие не направија апсолутно ништо, ниту еден проект за Гази Баба. Општината во 2006-та година кога дојдовме на власт имаше се на се 7.400 вработени, а сега има над 15.400 вработени, повеќе од двојно и тоа е разликата помеѓу нас и нив. Ние ќе останеме доследни во Гази Баба, Бутел, Кисела Вода за кои сме убедени дека ќе ја добијат поддршката нашите кандидати во вториот круг. А во овие општини ќе донесеме и најмалку 30 нови инвеститори и такви луѓе им требаат на оваа држава, што ќе отвораат нови работни места и ќе помагаат на луѓето, а не луѓе кои ќе владеат со сеење страв и уцени“, рече Груевски.

Груевски најави и бесплатен здрав оброк за учениците од прво до петто одделение како и стекнување на сопствен дом на семејствата од Гази Баба со симболична почетна цена од 1 евро по квадрат и со ослободување на комуналиите.