Обраќајќи се пред повеќе од 80 британски бизнисмени, премиерот Груевски ги повика да ја посетат Македонија и да ја внесат во нивните анализи и размислувања за ширење на нивниот бизнис, но и да се уверат дека Македонија нуди големи можности.
„Да ги разгледате постојните капацитети, да разговарате со компаниите кои се веќе присутни во Македонија и да го слушнете нивното искуство“, рече Груевски, притоа посочувајќи дека во нашата земја веќе се присутни британската Џонсон Мети, американските компании Џонсон Контролс и Кемет Електроникс, германските корпорации Кромберг и Шуберт и Дрекселмејер, швајцарската Виндтек Интернешнел, како и белгиската Ван Хол.
Тој истакна дека овие компании ја сметаат нашата земја за многу поволна бизнис дестинација и порта кон европските пазари, што, како што рече, веројатно е најдобар показател за поволната инвестициска клима и одличните услови што им се нудат на располагање на странските инвеститори.
Премиерот Груевски, јави известувачот на МИА, нагласи дека Македонија го привлече вниманието на глобалната инвестициска јавност со брзото и сигурно искачување на листата на најдобрите реформатори. – Според реномираниот извештај „Дуинг бизнис“ на Светска банка Македонија е рангирана на 25.место помеѓу 185 земји и ова е највисокото рангирање во однос на економиите во транзиција од Централна и Источна Европа и пред околу 20 земји членки на ЕУ. Многу сме горди што сега Македонија е на 73. место според глобалниот индекс за конкурентност составен од Извештајот за глобална конкурентност на Светскиот економски форум 2013-2014, рече Груевски, додавајќи дека Македонија го подобри рангирањето за 45 места во однос на квалитетот на деловното окружување.
Прајсвотерхаус Куперс, додаде, во својот извештај ја прогласија Македонија за петта најпријателски настроена земја во однос на даночниот товар за 2009. Исто така посочи дека Форбс објави оти Македонија го подобри рангирањето за 45 места во однос на квалитетот на деловното окружување.
Потенцијалните британски инвеститори ги информира со фактот дека Македонија ја карактеризира постојана макроекономска стабилност и просечна стапка на инфлација од 2,1 отсто, низок буџетски дефицит од три отсто од БДП, што ја прави земјата четврта најмалку задолжена во Европа.
„Воведовме рамен данок од само 10 проценти за персоналниот и данокот на добивка, рамна даночна стапка од само 10 отсто од 2008 натаму. Воведовме и нула даночна стапка за реинвестираната добивка и постепено ги намаливме придонесите за социјално осигурување за една третина и тоа за неограничен број години и неограничена сума износи“, рече Груевски.
Посочувајќи дека Македонија е земја која нуди најниски трошоци за правење бизнис во Европа, го спомена спроведувањето на проектот регулаторна гилотина, едношалтерскиот систем во царината и даночната администрација, поедноставувањето на издавањето градежни дозволи, како и воведувањето субвенции за бизнис старт ап и многу други реформи кои влијаат врз бизнис окружувањето во Македонија.
Меѓу поволностите го издвои и отворањето 15 технолошко-индустриски развојни зони во различни региони од Македонија преку кои се нуди ослободување од плаќање персонален данок на доход и данок на добивка за првите десет години, како и земјишни парцели под закуп под поволни услови.
Премиерот Груевски истакна дека не само американски и европски, туку и кинески, индиски, руски и катарски компании изразуваат сериозен интерес да ги лоцираат своите производствени капацитети во Македонија.
На крајот од своето обраќање, најави дека македонскиот економски тим кој е присутен во Лондон ќе ги води низ процесот за донесување одлуки и ќе им помогне да го препознаат потфатот со најдобра вредност за нив.
„Сега вие сте на ред да ги искористите можностите“, рече Груевски.
Нил Колинс од Џонсон Мети потенцира дека причините поради кои инвестирале во Македонија е дека голем дел од нивните партнери и добавувачи на делови имаат свои капацитети во ЈИЕ, како Полска, Чешка, Словачка.
„Затоа дојдовме во Македонија и од тогаш сме многу задоволни. Постоењето на слободна економска зона беше од големо значење и тоа беше поволно за нашето идно развивање. Исто така, локацијата е во близина на аеродромот што е многу важно за поддршка на нашата фабрика. Поволност е и големиот избор на работна сила во Скопје, Велес и Куманово, патната поврзаност со Европа и можноста да стигнеме до и од нашето главно складише во Германија за околу два дена“, истакна Колинс.
Тој додаде дека Дирекцијата за слободни економски зони, Инвест Македонија и македонската Влада биле сериозни во преговорите и позитивно одговориле на сите нивни барања.
Британскиот стопанственик Лорд Нун, кој четири пати ја посетил Македонија ги повика пристуните да ги претстават нивните ставови непристрасно бидејќи не се пристуни само владини претставници, туку и луѓе кои веќе имаат искуство со Македонија.
„Овде можете да ги претставите вашите ставови и тоа непристрасно бидејќи нема да говори само македонскиот премиер и министрите, туку ќе се добијат и мислења од некои луѓе коишто имаат искуство со Македонија, како на пример јас којшто сум ја посетил земјата веќе четири пати.
Даниел Гудман потенцира дека она што е потребно во моментот е стратешко партнерство.
Ние, потенцира, инвестираме низ целиот свет и можни се идни инвестиции и во Македонија. Во моментот бараме локални компании за инвестирање во инфраструктура со цел да се постават темелите и подоцна да се инвестира.
На форумот свои презентации за можностите за инвестирање во Македонија имаа и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот без ресор Веле Самак и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо.
Форумот се организира во соработка со реномираната групација Фајненшл Тајмс, со просечен дневен тираж од преку два милиони примероци, која учествува во организирањето на настаните со цел привлекување странски инвеститори.
Од Лондон, македонската делегација попладне заминува за Париз каде ќе се одржи форум за презентација на инвестициските можности на Македонија.