
Поранешниот премиер Никола Груевски доби азил во Унгарија. Ова значи дека тоа што Министерството за правда денеска го испрати барањето за екстрадиција „паѓа во вода“ и дека ќелијата која што се подготвуваше за Груевски во истражниот затвор Шуто Оризари долго ќе остане празна.
Јавноста бара одговори, но и одговорност за случајот во кој, според голем број аналитичари целиот систем потфрлил. Аналитичарите оценуваат власта е под сериозен притисок и од неа не само што се очекува темелна истрага туку и оценуваат дека тоа што Груевски „се прошетал“ до Будимпешта скапо ќе ја чини пред се’ владата на премиерот Зоран Заев, кој неуспеа да го реализира едно од најголемите ветувања дадено пред неговите поддржувачи дека Груевски ќе оди во затвор.
Политичкиот аналитичар Александар Пандов за Нетпрес вели дека премиерот Заев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и специјалната обвинителка Катица Јанева се најголеми губитници во целата ситуација.
„Како директно одговорни кои требаше да го чуваат и спрoведат Никола Груевски во истражниот затвор во Шуто Оризари и Зоран Заев како најверојатен соучесник во бегството. Бидејќи и српскиот премиер Александар Вучиќ потврди дека Груевски излегол од државата со лична карта што значи дека Оливер Спасовски и МВР знаеле или требало да знаат за излезот на Груевски од државата, а во меѓувреме во првите моменти од бегството бевме сведоци на невиден циркус со барањето на Груевски по гаражи и автомобили. Очекувам, а забележливо е дека и целиот народ без разлика на нивните политички определби бараат одговорност за целиот случај, а најодговорни се токму овие тројца“, вели Пандов.
Нема сомнеж, смета Пандов, дека поранешниот премиер е оној кој најмногу добива во овој случај бидејќи наместо да ја отслужува затворска казна во Шутка тој е на слобода во Унгарија , тој сега е под заштита на тамошните власти кои позитивно одговорија на неговото барање за политички азил.
„Најголем добитник е самиот Груевски секако, но и ВМРО ДПМНЕ бидејќи тие се директни противници на Заев. Сите негови заложби и ветувања за правда сега паднаа во вода. Неговото најголемо ветување пред ’шарените’ дека Груевски ќе биде осуден и ќе го спроведат во затвор не само што не го оствари и спроведе туку и се чини директно соучествувал во бегството на екс премиерот“, вели Пандов.
Како што денеска објавија унгарските медиуми барањето на Груевски е прифатено и тој доби азил во Унгарија.
Според текст објавен на унгарскиот портал „The Hungarian Times“ канцеларијата за имиграција дошла до заклучок дека по враќањето на Груевски во неговата земја, тој ќе биде предмет на прогон на власта поради неговото политичко минато и мислење и обвинувањата од новата влада.