Премиерот Никола Груевски денеска по барање на новинарите појасни дека македонскиот министер за надворешни работи подолг период комуницира со неговите колеги од Србија, Турција, Словенија, Црна Гора и најверојатно Хрватска, во врска со идејата односно можноста за споделување заеднички дипломатски објект-амбасада со некоја друга земја во рамки на заштедите во македонската дипломатија.
„Идејата не е заедничка дипломатија. Тука нема никаква политичка заднина има чиста финансиска заштеда и ништо повеќе од тоа“, истакна Груевски по промоцијата на новите книги од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“.
Целта е, нагласи премиерот, да се заштеди на простор, да се користат заеднички простории, а не е да имаме заедничка дипломатија.
„Се разбира дека нашите дипломатски мисии ќе бидат засебни и нема да делуваат заеднички, но заради заштеда на финансиски средства за ќирии, идеата е некаде ние да отстапиме каде што имаме поголем простор за влез на дипломатски претставници на други држави, а некаде тие нам да ни отстапат“, појасни премиерот груевски, додавајќи дека на тој начин би моежеле да имаме и дипломатски претставништва и во оние држави каде што сега нема.