Груевски: Иванов умее да обедини и да работи за националните интереси

Ѓорге Иванов умее да обединува и да работи за националните и државните интереси, рече попладнево премиерот и лидер на ВМРО- ДПМНЕ, Никола Груевски, на митингот во Струга за поддршка на претседателскиот кандидат на партија и актуелен претседател, Иванов.

„Иванов умее да обдинува и да работи за интересите. Тој се грижи за националните и државните интереси“, нагласи Груевски.

Тој истакна дека неговите позиции за името се сосема јасни, а токму народот е тој што одлучува. Иванов во изминатите пет години, како што рече лидерот на најголемата владејачка партија во Македонија, работеше напорно и одговорно.

„Тој е прв претседател во историјата на Македонија кој на изборите излезе со програма и даде отчет за сработеното на транспарентен начин“, потенцираше Груевски, притоа нагласувајќи дека претседателскиот кандидат и актуелен шеф на државата се залага за владеење на правото, отворање на нови работни места и се труди да донесе подобра перспектива за младите.

„Зад Иванов стојат вредностите и делата, зад него стојат луѓето кои што заедно со него работеа на реализација на две илјади проекти…Делата се она што не правата поинакви од нашите конкуренти и тие дела се најсиланата вредност“, потенцираше Груевски во својот говор, истакнувајќи дека сите тие дела и нивните резултати се видливи, мерливи и реални.

Кандидатурата на Пендаровски е кандидатура на свитката кичма затоа таа нема да помине, како што не поминаа многу такви обиди во минатото, рече Груевски.

„Важно при изборот на претседател е и фактот кој го предлага. Додека иницијативата на Иванов ја отпочнаа голема група на интелектуалци, професори, академици, доктори, уметници, спортисти, Пендаровски го предложија скришно зад затворени врати Бранко, Радмила и Заев и соопштија на јавноста, додека Иванов беше одбран на јавна конвенција со противкандидати, во демократска процедура“, рече Груевски.

Пендаровски беше пласиран, рече тој, небаре се работи за некоја тајна работа и изненадување на деценијата.

„Тоа значи демократија и демократски избран кандидат како што е Ѓорге наспроти одлучување на тесна клика на луѓе и кандидати како што е Стево. Зад Иванов стојат нашите и неговите вредности, нашите дела и проекти“, потенцираше Груевски во своето обраќање.

Меѓу нив се проекти какви што досега не реализирал никој во историјата на земјата, отворени се 117 илјади нови работни места, сериозно зголемени платите во екот на најголемата економска криза во ЕУ, започнати повеќе инфраструктурни проекти, голем број странски инвестици, реформи во повеќе сфери.