Груевски: Како и досега Хрватска ќе ја сметаме за пријател на Македонија

Премиерот Никола Груевски денеска оствари тет-а-тет средба со претседателот на Владата  на Република Хрватска Зоран Милановиќ, по која беа одржани и пленарни разговори на делегациите на Република Македонија и Република Хрватска.

На средбата било констатирано дека помеѓу Република Македонија и Република Хрватска владеат одлични билатерални односи кои континуирано се развиваат и се карактеризираат со долгогодишна соработка и пријателство во сите области од заемен интерес.

Премиерот Милановиќ изразил подготвеност и посветеност за понатамошно продолжување на соработката, особено на економско ниво.

2-500

– Се согласивме дека постои дополнителен потенцијал за продлабочување на економската соработка, за продлабочување на трговската размена што би довело до реализација на заедничката цел во следните години, а тоа е Хрватска да стане уште поголем партнер на Република Македонија во трговската размена, рече Груевски по средбата.

Се разговарало и за можностите за соработка на полето на инвестициите. Некои хрватски компании, посочи Груевски, имаат инвестирано во Македонија, други размислуваат, но како што нагласи сите се добредојдени.

За туризмот, на средбата било констатирано дека постои голем потенцијал во двете насоки, како и во многу други области во кои можат двете земји да соработуваат а се од заеднички интерес.

Во поглед на интеграцијата на Р.Македонија во НАТО и ЕУ Груевски истакна дека искуствата од влезот на Хрватска во ЕУ се добредојдени за Македонија.

4-500

– Ги отворивме сите позначајни прашања, разменивме многу искуства, како во делот на економијата, така во делот на патот кон ЕУ, и се разбира во политичкиот дел. Можам да кажам дека ние и досега и во иднина Хрватска ќе ја сметаме за пријател на Република Македонија. Ќе продолжиме да работиме и понатаму на одржување на одлични политички односи и преку вакви средби што повремено ги правиме на високо ниво и со секаква соработка на политичко ниво, истакна Груевски.

Тој додаде дека во иднина Владта ќе работи на тоа повеќе на тоа да ги охрабри македонските компании како и за создавање на подобри услови за нивна соработка.

Според Милановиќ Македонија мора да ја надмине блокадата за интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ.

– Со Македонија можеме да поделиме искуство какво што нема ниедна друга држава членка на ЕУ. Ние сме последни кои влегоа во ЕУ но и први кои влегоа под такви режими и долги преговори. Тоа се работи низ кои Македонија исто така ќе мора да помине а ние можеме да помогнеме да помине полесно отколку што помина Хрватска, рече Милановиќ.

Тој додаде дека кога станува збор за политиката која повеќе години и стои на патот на Македонија кон НАТО и ЕУ, може да и биде само пријател на Македонија.

3-500

– Оваа состојба мора да престане. Ги разбирам и проблемите и стравовите на некои држави. Историјата е нешто што не можеме да го менуваме, а таа може да условува многу работи. Но, живееме во сегашноста, знам дека тоа звучи како фраза, но Македонија е мала држава која за никого не е закана, развива доста во светот забележителна бизнис клима, истакна премиерот Милановиќ.