Груевски: Ќе ги издржиме нападите, ќе ги победиме сите кои сакаат да го скршат р’бетот на ВМРО-ДПМНЕ и Македонија

Ќе ги победиме сите оние кои на подмолен начин сакаат да го скршат р’бетот на ВМРО-ДПМНЕ и сакаат со тоа да го скршат р’бетот на Република Македонија, изјави во саботата вечерта челникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој присуствуваше традиционалната Комитска вечер, која ја организираат сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ, денеска во организација на ОК Бутел.

Груевски рече дека овие вечери ги зближуваат членовите на партијата, зближени какви што треба да бидат не само за ВМРО-ДПМНЕ туку и за Република Македонија.

„За Бутел велат дека е еден од бастионите на ВМРО-ДПМНЕ, јас би рекол Бутел е еден од бастионите на Македонија, затоа што тука живеат луѓе што искрено и од срце ја сакаат својата држава. Луѓе што во многу наврати покажале дека знаат да застанат на браникот на одбраната на Македонија, затоа Бутел не е само бастион на ВМРО-ДПМНЕ, Бутел е бастион на Македонија, на македонскиот народ, на Република Македонија“, рече Груевски.

Порача дека тоа треба секој да го знае и секој да го почитува, како во добрите, така и во тешките времиња. Груевски кажа дека во последниве години живееме во тешки времиња, како што е ситуацијата и последниве месеци според неговите зборови.

„ВМРО-ДПМНЕ беше и остана партијата којашто секогаш стоеше на браникот на одбраната на државните и националните интереси на Македонија, граѓаните на Македонија и македонскиот народ и така и ќе остане натаму. Единаесет години бевме на чело на државата, ја предводевме, имајќи ја власта дадена од граѓаните и од народот на слободни и демократски избори. Народот десет пати по ред излезе и кажа дека тоа е таа структура, тоа е таа партија во која најмногу верува, затоа што зад себе остававме дела, затоа што исполнувавме дадени ветувања, затоа што правевме се што можеме да помогнеме секому. Навистина на многу луѓе помогнавме, на многу категории на лица помогнавме“, рече Груевски.

Додаде дека дел од помошта која граѓаните директно ја почувствувале се зголемените пензии и плати, дадените субвенции за земјоделците, она што тие го имаат изградено. Кажа дека ВМРО-ДПМНЕ била партија која била градител на оваа држава.

„Некој денеска се поигрува со тоа, некој денеска се мајтапи со нашиот труд, сакајќи да го понижи и да го деградира, а сѐ уште ништо не направил, сѐ уште ништо не изградил, сѐ уште ништо не создал, сѐ уште не решил еден проблем. Ги гледам во овие еден месец само средби со амбасадори, само мотање еден со друг, никакво дело, никакво нешто што ќе му помогне на народот, на граѓаните, што ќе ја однесе земјата напред, само голи ветувања. Драги пријатели, во секоја несреќа и среќа, еве им период нека покажат што тие ќе направат за Македонија“, порача Груевски.

Рече дека од другата страна говореле дека тие 11 години биле на власт, а тоа биле долго, биле автократи, сз со цел да го понижат ВМРО-ДПМНЕ, дека биле во Владата поради свои лични интереси, а не поради тоа што било нивно дело, визија, заложби, ветувања но и остварувања кон граѓаните.

„Сега ја имаат можноста, иако ја добија на прилично нечесен начин, но ја имаат таа можност. Измина еден месец и ги видовме што прават, ќе помине уште некој месец, ќе се види кој е тој што се бори за Македонија, која структура е најмногу заинтересирана и најмногу се вложува во движењето на државата напред и секако ќе се види дека тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Во овој период, како и во минатиот, тоа е наша судбина, ќе бидеме атакувани, ќе бидеме напаѓани со сите средства и како организација, како партија и како поединци. Јас знам дека вие сте подготвени за тоа и јас лично сум подготвен за тоа. Ќе го издржиме тоа, ќе ги победиме, ќе ги победиме сите оние кои на подмолен начин сакаат да го скршат р’бетот на ВМРО-ДПМНЕ и сакаат со тоа да го скршат р’бетот на Република Македонија“, рече Груевски.

Порача дека нема да им дозволат на СДСМ да го направат она што го наумиле, затоа што партијата и нејзините членови многупати покажале дека во срцето ја носат Македонија и знаат што е што.

„Ќе останеме единствени, ќе останеме единствени во сите предизвици и пред сите оние коишто сакаат да создадат поинаква слика за нас и да остварат поинакви планови за Македонија. Ќе останеме силни и како што овојпат ни направија со победа да отидеме во опозиција, со победа ќе се вратиме на власт, со победа ќе ја водиме Македонија напред, со уште поголема поддршка на граѓаните на Македонија. Со нови идеи, со нови проекти, а пред тоа со победа на локалните избори овде во Бутел“, рече Груевски.

На Комитската вечер беше доделена и постхумна плакета за основоположникот на Општинскиот комитет Чаир, под кој порано заедно беа нааселбите Бутел и Чаир, Петре Костов, за кого претседателот на Општинскиот комитет Бутел, кажа дека е човек од кого учеле како се сака ВМРО-ДПМНЕ. Плакетата му беше врачена на неговиот син Васко Костов.