Претседателот на Владата, Никола Груевски на денешната собраниска седница за избирање министри и заменици министри истакна дека предлага нови кандидати за министри во Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика.-
-Очекувам новите министри и заменици министри да бидат фокусирани на изборниот процес, да не ги кочат започнатите владини проекти, како и проектите од програмата на Владата. Да бидат посветени на решавање на проблемите на граѓаните. Очекувам нивна посветеност и одговорно работење и однесување. Очекувам работење согласно Законот и етичките и моралните добра, без злоупотреби на министерските функции за партиски цели, истакна премиерот Груевски.
Тој додаде како досега, така и понатаму ќе го следи работењето на секој министер и потенцира дека ќе продолжи да соработува со министрите и нивните заменици во интерес на граѓаните.
-Ќе продолжам будно да го следам работењето на секој министер и секој заменик министер, ќе соработувам со нив во интерес на граѓаните, а воедно и ќе реагирам доколку бидат забележани неправилности во нивното работење, заклучи премиерот Груевски.
Пратениците во Собранието на Република Македонија денес ќе гласаат и по предлогот за дополнителни заменици министри во Владата на Република Македонија. Обврска која произлегува од Договорот од Пржино.
Денес ќе бидат избрани пет дополнителни заменици министри, од кои тројца се по предлог на СДСМ, а двајца по предлог на ВМРО – ДПМНЕ.
По предлог на ВМРО – ДПМНЕ, заменици министри ќе бидат досегашните министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика Митко Чавков и Диме Спасов, на кои премиерот Груевски им се заблагодари за нивната досегашна беспрекорна работа и чијашто промена, како што рече, доаѓа само заради политичкиот договор, а не заради нивното работење.
Исто така, по предлог на ВМРО – ДПМНЕ функцијата заменик министер во Министерството за информатичко општество и администрација, треба да му припадне на Тимчо Муцунски.
Премиерот посочи дека и од новоизбраните заменици – министри очекува максимална посветеност и работење во согласност со законот, одговорно однесување и одговорно работење.
Исто како и од новоизбраните министри очекувам државните интереси и интересите на народот да им бидат пред се, рече Груевски.
Со 101 глас „За“ пратениците ги усвоија предлозите Оливер Спасовски и Фросина Ташевска Ременски да застанат на чело на Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика.
Исто така, Марта Арсовска Томовска со 71 гласа „За“, а 31 „против“ беше избрана за нов Министер за информатичко општество и администрација.