Колку повеќе СДСМ ја пролонгира кризата и изборите, толку повеќе гневот кај народот кон нив расте. Ова го потенцира претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, во мега интервјуто за Телеграф.мк.
Според сите истражувања, таа ќе беше слична како на изборите во 2014. Тоа ќе беше силен одговор на лагите дека сме украле 150 илјади гласа или слични небулози. Но, колку повеќе ги пролонгираат кризата и изборите, толку повеќе гневот кај народот кон нив ќе расте, и поразот ќе им биде поголем, вели Груевски на прашањето- каква победа очекувавте сега на изборите, ако се одржеа на 5 јуни.
На прашањето за избирачкиот список, Груевски повторно ја реафирмира идејата за Активна регистрација на гласачите.
Кога станува збор за изборните списоци и манипулациите дека не биле пречистени, потсетувам дека минатиот август ВМРО-ДПМНЕ понуди таканаречена Активна регистрација на гласачите. Тоа значи, за да нема дилеми и сомневања, со измена на закон да се тргне од тоа дека никој не е запишан на изборните листи и дека секој што сака да гласа да добие 2-3 месеци во кои самиот, со легална исправа за идентификација, лична карта или пасош и со биометриски податок, ќе се регистрира.
Еве сега повторно го реафирмирам. Ајде, ако се согласни, може и сега да се спроведе. Тоа би претпоставило, на пример, дека помеѓу 1 јули и 15 септември, или ако сакаат 15 јануари, секој што сака да гласа би отишол на едно од многуте законски договорени места низ Македонија да се легитимира и да се потпише дека сака да гласа и да остави електронски отпечаток од прстот. Потоа, само тие луѓе ќе можат да гласаат, рече тој.