Груевски: Листата на „Форин Полиси“ е доказ дека Македонија отиде доста напред

Престижниот Форин Полиси ја рангираше Македонија во групата најдобри земји за инвестирање во светот. Во најновата листа, земјава е на 29-то место во светот според условите за привлекување на инвестиции. Тоа е за пет места раст во однос на минатата година.Премиерот Никола Груевски денес остакна дека тоа е доказ дека Македонија се движи само напред.

„Тоа ме радува. Форин Полиси прави анализа врз база на неколку други анализи, меѓу кои што влегува и анализата на Херетиџ фондацијата. Тоа го прави со осум индикатори и ова покажува дека Македонија не само што во изминатиов период отиде доста напред, туку и во однос на минатата година. Ние знаеме дека во 2007 година имавме големи напредоци, од 2008- 2012 исто така имавме напредоци. Но ова е показател дека и во 2013 се направени доволен број на чекори за Македонија да стане уште поатрактивна и уште повисоко на листата за привлекување на странски инвеститори. Така што тоа ми дава надеж и уште еден сигнал со начинот на кој што сме тргнати, да ја подобруваме бизнис климата и да ја правиме државата атрактивна за странските инвеститори и поволна за домашните инвеститори, рече Груевски.

Премиерот потенцира дека со ова ќе следуваат отворање на многу нови работни места во иднина што впрочем е и еден од главните цели на новиот владин состав.