Груевски- Макино: Тренд на постојано унапредување на односите меѓу Македонија и Јапонија

Премиерот Никола Груевски денеска се сретна со парламентарниот заменик министерот за надворешни работи на Јапонија, Такао Макино.

Соговорниците ги поздравија односите кои постојат меѓу двете земји и изразија задоволство од трендот на нивното постојано унапредување кое се реализира и преку дијалог на високо ниво. На средбата беше позитивно оценета соработката и на билатерален план, и на мултилатерален план во рамките на Обединетите Нации.

Двете страни ја истакнаа значајноста за унапредување на економската соработка, особено на полето на инвестициите, при што премиерот Груевски ги претстави поволностите и предностите кои нашата земја ги овозможува на странските инвеститори за отворање на бизнис и нови работни места во Република Македонија.

Премиерот Груевски и заменик министерот Макино дадоа позитивна оценка за досегашната соработка на проектите кои се реализираат во нашата земја, а во кои учествува и јапонската влада, при што беше разговарано и за можностите за воспоставување на дополнителна соработка во оваа насока и на други проекти.

Стана збор и за соработката во областа на образованието при што беше разговарано за искористувањето на јапонските стипендии за студии на македонски студенти во Јапонија, и македонските стипендии за студии на јапонски студенти на Универзитетот „Свети Апостол Павле“.