Светиот крст во Струга денеска на празнкот Богојавление-Водици беше спуштен во водите на реката Црн Дрим од Чаршискиот мост, а стружанецот Томче Голабоски беше најсреќниот, кој прв исплива до него.
„Поголема чест од оваа што го фативме крстот нема. Ова ми е трета Богорица, кажано на наш јазик што значи дека по третпат го фаќам крстот. Да даде Господ секој да почувствува какво е чувството. Немам зборови со кои можам да го опишам. Ние сме тројца во тајфата кои скокаме“, изјави Голабоски по излегувањето од студените води на реката Црн Дрим, пренесе МИА.
Одбележувањето на овој голем православен христијански празник по традиција започна утрово со богослужба во црквата „Свети Ѓорѓија“, по што литијата се упати кон мостот. Водата во реката ја освети митрополитот тетовско-гостиварски Јосиф кој потоа го фрли во неа Светиот крст.
На црковно-народниот собир во Струга присуствуваше и премиерот Никола Груевски, кој на Голабоски му подари лап-топ компјутер.
Чинот на осветување на водите и спуштање на Светиот крст во нив во Струга е долга традиција. Во минатото, крстот се фрлал во различни места во зависност од околностите, од таканаречениот Железнички мост, од устието на реката Црн Дрим, како и од чаршискиот мост над Дрим од каде што се спушта во осветените води во текот на последните години.
Годинешен кум на празникот Водици во Струга е Дончо Прентоски, кој живее и работи во Германија.
„Одлучив да бидам кум за да се зачува традицијата, но и нашата култура и христијанството во Струга“, вели Прентоски кој заедно со Македонската православна црква – Охридска архиепископија, меѓу другото, ќе им додели и социјални пакети на ранливата категорија граѓани во Струга.
Празникот Богојавление – Водици е поврзан со крштевањето на Исус Христос од страна на Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот го симболизира соединување на човекот со Христа.