Уште 30 лица кои излегле од домови за деца без родителска грижа ќе бидат вработени во различни државни институции. За ова денес информира премиерот Никола Груевски.
– За десетина дена ќе заврши целокупната процедура и ќе почнат со работа во различни државни институции. Досега се вработени 113 деца, а со новите 30 ќе дојде до 143 деца, истакна Груевски, при денешното отворање на новите тениски терени во Петровец.
Премиерот потенцираше дека и во минатото и било помагано на ваквата категорија на граѓани на Република Македонија кои се излезени од домови за деца без родителска грижа, но, како што потенцира, од 2013-та година има системска програма која секоја година е дел од буџетот.
– Ние и во минатото сме помагале на ваквата категорија граѓани, но тоа повеќе беше стихијно и ад хок. Од 2013 година веќе имаме системска програма која секоја година е дел од буџетот и која ќе продолжи и понатаму, рече Груевски, нагласувајќи дека и понатаму ќе продолжи континуираната грижа на Владата за децата без родители.