Најниската пензија, од 2006-та година до денес, се зголеми за 76, а просечната за 62 отсто, истакна денеска премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во своето обраќање при презентацијата на Отчетот за сработеното во период од 2011-та до 2013-та година.
Тој нагласи дека кај социјалната помош се бележи раст од 47, клај постојаната парична помош 46, а кај еднократната парична помош за деца без родители и родителска грижа е зголемена за девет пати.
„За првпат во историјата на независна Македонија, после 20 години преговори меѓу социјалните партнери, се постигна договор за утврдување минимална плата, а потоа следеше и нејзино зголемување. Законот за минимална плата започна да се применува од јануари 2012 година“, рече Груевски.
Тој нагласи дека со посебен закон се утврди и правото на материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 7 април 2000 до 31 декември 2013 година.
„Со ова решение ќе бидат материјално обезбедени околу 3.000 невработени лица кои останале невработени од државни фирми или, пак, фирми во доминантна државна сопственост и по 2004 година. Овие лица ќе добијат паричен надомест од најмалку 7.100 денари, односно 34 отсто од просечната плата исплатена за минатата година плус здравствено осигурување“, рече Груевски, кој нагласи дека ова беше една голема неправда нанесена на оваа група граѓани во периодот на транзицијата.
Со активните програми и мерки за вработување, како што нагласи, од 2007 година опфатени се вкупно 54.958 невработени лица и се постигнати 30.524 вработувања.
„Паричната помош за лице кое до 18 години било дете без родители и родителска грижа од 2006 година до денес бележи зголемување за 54 проценти. Обезбеден е паричен надомест за студирање, магистерски и докторски студии за лица кои имале статус на дете без родители или родителска грижа во износ од 9.000 денари доколку користи право на домување, или 18.000 денари доколку не користи право на домување. Овој надоместок е зголемен во текот на 2013 година и тоа на 12.000 денари доколку користи право на домување, или 24.000 денари доколку не користи право на домување“, појасни тој.