Груевски негира дека има поврзаност со „Еко клуб“, како што тврди Костадинов

СДСМ е школски пример на партија која во однос на обврските кон гласачите го ,,преспала” мандатот, посветувајки се само на рекетирање, криминал, корупција, притисок врз судството и медиумите, и промена на името, историјата и идентитетот, рагираше на својот фејсбук профил во средата поранешниот премиер Никола Груевски, откако претходно на прес-конференција на СДСМ беше искажано дека наводно негов близок човек бил сопственикот на битолската „Еко клуб“, фирма која се споменува во аферата со несоодветно одлагање медицински отпад во скопската депонија Дрисла.

„Предмалку СДСМ ја имаше една од најсмешните пресконференции на сите времиња.

Најпрвин да демантирам дека сопственикот на фирмата „Еко клуб“ бил мој, како што кажа портпаролот на СДСМ ,,многу близок соработник”. Напротив, не само што не бил мој било каков соработник, туку воопшто не сум го познавал ова лице, ниту пак знаев дека постои човек со такво име и презиме и со таква фирма.

Сепак, најсмешниот дел во целата ситуација е што СДСМ изгубени во времето и просторот, мене и ВМРО-ДПМНЕ нѐ  прогласуваат за виновни за нешто што ним како власт им се случило откако се три години на власт. Нешто што не се случило во минатото а се случило сега.

Не знам кој им ја осмислува стратегијата за комуникации со јавноста, но не исклучувам дека ваквата ,,мудра досетка” им паднала на памет на двоецот портпароли поранешниот Шилегов и сегашниот Костадинов.

СДСМ е школски пример на партија која во однос на обврските кон гласачите го ,,преспала” мандатот, посветувајки се само на рекетирање, криминал, корупција, притисок врз судството и медиумите, и промена на името, историјата и идентитетот, па непосредно пред изборите збунето и нагло се буди и онака ,,зашеметени” набрзина измислуваат теми и наводни виновници, за да се прикажат себе во поинакво светло, спротивно од реалното“, напиша Груевски.

Претходно портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, на прес-конференција рече дека вината и одговорноста за скандалот со несоодветно третиран медицински отпад е кај ВМРО-ДПМНЕ.

„Фирмата „Еко-Клуб“ е во сопственост на Сашо Јанакиески, многу близок соработник на Никола Груевски на ВМРО-ДПМНЕ. Сашо Јанакиески, сопственикот на „Еко клуб“ беше поставен за директор на унгарски трговски куќи во Скопје. Сашо Јанакиевски е почесен конзул за Македонија на унгарскиот премиер Виктор Орбан, премиерот кој му даде азил на Никола Груевски’, рече Костадинов.

Според него, посочената компанија „дебело се офајдила“ во времето на ВМРО-ДПМНЕ, што според него произлегувало од „бројните тендери од времето на вмросвскиот градоначалник на Битола, Владимир Талески“.

„Потенцираме – Сашо Јанакиевски, бизнис играчот на ВМРО-ДПМНЕ, го депонирал медицинскиот отпад во Дрисла без при тоа да го обработи и уништи на соодветна машина што е надвор од прописите и договорите. Таквиот отпад иако не смеел, го носел во дпонијата Дрисла бидејќи тоа му го овозможуал уште еден кадар на ВМРО-ДПМНЕ. “,

Рече и дека сега сменетиот Горан Ангелов, откако Град Скопје го презеде управувањето со  Дрисла пред две седмици е преку негова фирма во Бугарија вршел незаконски увоз на контејнери опасен отпад од Италија и за кого се води истрага во соседна Бугарија, иако досега тоа не е официјално потврдено во Софија.

„Ако се знаат сите овие релации и пријателства на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ тогаш јасно е кој стои зад ужасот со медицинскиот отпад и кој поттикнувал потенцијална опасност од ширење зарази. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ која заради профит на поединци свесно го загрозувала здравјето на граѓаните и ја загрозувала животната средина. ВМРО-ДПМНЕ ги труе луѓето со отпад. ВМРО-ДПМНЕ штети на здравјето на луѓето“, рече Костадинов и побара одговорност.