Во рамки на учеството на Конгресот на Европската народна партија што се одржува денес и утре во Мадрид премиерот Никола Груевски имаше обраќање пред присутните политички лидери членови на партијата.
Тој во обраќањето истакна дека Република Македонија ги живее и работи за европските вредности.
– Ние сме европјани и нашето место е во Европа. ЕПП во целиот овој период од независноста е голем пријател на мојата земја, помогнала во надминување на многу предизвици, во спроведување на многу реформи кои имале за цел унапредување на стандардите, посочи Груевски.
Тој истакна дека Европа мора да продолжи да се движи напред бидејќи, како што рече, тоа е потреба на светот, а во тоа движење нужно е да се обезбедат гаранции и услови за движење напред на секоја земја членка која сака да биде дел од ЕУ.
– Шесте последователни препораки на ЕК за почеток на преговорите за членство на РМ во ЕУ, се показател и причина за оправданите очекувања и потреби на македонските граѓани кои очекуваат соодветна одлука од Европскиот совет. Поддршката на ЕПП е значајна за остварување на оваа цел, исто како и поддршката на ЕПП и нејзините членови во надминувањето на предизвиците кои ги имавме на домашен план и давањето на нов ветар на реформите, на евроинтеграциите и развојот македонската економија, истакна Груевски, пренесува МИА.
Тој воедно подвлече дека македонската Влада ќе продолжи да спроведува длабоки политички и економски реформи, кои се насочени кон исполнување на неопходните критериуми за членството во Европската унија, подобрување на животниот стандард и квалитетот на живеењето на македонските граѓани, како и кон јакнење на капацитетот на институциите на Република Македонија, бидејќи, како што посочи, ние сакаме да ја оствариме главната стратегиска цел на нашата земја за членство во европските и евроатлански интеграции.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ говореше и за солидарност. Посочи дека супсидијарноста треба да овозможи држава на благосостојба која ќе има механизми и потенцијал за да интервенира во полисата каде е потребна државната поткрепа, особено во поддршката на социјално ранливите групи и младите, каде пред се треба да се залагаме за вработување, предизвик кој е актуелен во сите земји надвор од ЕУ. На овој проблем, рече, Република Македонија е особено посветена. – Имаме позитивни резултати, кои говорат дека и во време на светска финансиска криза успеавме во неколку години да ја намалиме невработеноста за повеќе од 11 проценти, изјави Груевски.
Во Мадрид се одржува Конгрес на Европската народна партија каде се собрани европските политички лидери чии политички опции припаѓаат на Европската народна партија. Македонскиот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Груевски учествуваше попладнево во работното претседателство на Европската народна партија за избор на претседател на партијата. Во рамките на македонската делегација од ВМРО-ДПМНЕ во Мадрид се присутни и Никола Попоски, Влатко Ѓорчев и Александар Николоски. Конгресот продолжува и во текот на утрешниот ден.