Груевски: Отвораат фабрики изработени во времето на ВМРО-ДПМНЕ, без око да им трепне

Власта деновиве одржа конференција за буџетот во новата сала на Парламентот, на новиот дограден спрат на Парламентот, кој беше дел од проектот Скопје 2014-та. До вчера плукаа и викаа дека тоа било непродуктивно трошење пари. Сега, наместо да плаќаат за сали на приватните хотели, конференцијата ја одржаа во оваа нова, доволно голема и репрезентативна за вакви прилики сала, за која сега кога ја користат не рекоа ништо лошо, напиша почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на својот Фејсбук профил.

-Но, настрана тоа. Си молчат и нивните министри сместени во новата зграда на МНР, не се пожалил министерот за земјоделие од новата зграда која ја изградивме за ова министерство околу една година пред изборите по кои во Владата влезе СДСМ. Ова министерство беше во бараки со субстандардни услови и оние во Државниот завод за ревизија и во Јавното Обвинителство, па и министерот за финансии сега откако се всели во новиот објект на Министерството за Финансии не сум чул дека раскажува дека инвестицијата во тој објект е непродуктивен расход. Но, тоа беше едно време, сега се власт, и се е поинаку. Само оној министерот за транспорт и директорот на ЕЛЕМ, како и еден куп директори кои треба да се сместат во објектот кај црквата пресвета Богородица се збунети. Не знаат што да прават. Објектите се спремни за вселување уште минатиот септември, а тие се мислат како сега да се вселат после толку плукање против зградите за администрацијата кои поранешната влада ги изгради? Оној од правда по една година мислење, се охрабри и го отвори објектот на Кривичниот суд, напиша Груевки и додаде:

„Да се Заев и Анѓушев на нивно место, тие немаат гајле. Си отвораат фабрики и инвестиции целосно изработени и завршени во времето на Владата на ВМРО, без око да им трепне, со пригодни говори дека носат нови инвестиции. Но, да ги оставиме нив, овие што се двоумат… И онака ништо не работат, па имаат време да мислат на нешто на што не треба да се губи време. Тие не мислат за она што е најважно, за развој и решавање на проблемите во нивните сектори, а мислат на она што не е за мислење. Околу буџетот. До доаѓањето на СДСМ на власт кон средината на 2017-та редовно слушавме неколку лажни приказни водени од популизмот на оваа партија. Редовно секоја година слушавме дека е многу лошо што буџетот секоја година растел и со тоа се повеќе сме земале пари од граѓаните и фирмите. Новинарите блиски до нив тоа го надградуваа и прошируваа. Попусти беа нашите објаснувања дека секоја година расте економијата и дека во најголема мера поголемите приходи во буџетот се должат на тоа. Дека континуирано се намалуваат можностите за даночна евазија со мерките кои ги превземавме како влада, како и други мерки кои влијаат на раст на приходите во услови кога не само што даноците и придонесите не растат, туку често и се намалуваа. Објаснувавме и дека лошо би било ако приходите растат заради раст на даноците и дека во речиси сите земји е исто, дека и таму речиси секоја година буџетите растат. Би било лош сигнал кога би било обратно, во услови кога стапката на данок не се менува, а приходите на буџетот да се намалат. Во време кога Македонија имаше најниски даноци во светот по било кој параметар земено, СДСМ продаваше магла дека даночниот систем бил неправеден и дека секоја година се повеќе се приграбувало од народот за буџетот“.

Првиот буџет, вели Груевски, кој СДСМ го изработи од како тие дојдоа на власт во јуни 2017-та, е повисок од претходниот. -И? Молк. Некои промрмореа без да проверат, дека тоа било затоа што сме им оставиле многу обврски, што се разбира е неточно. Тековни проекти секогаш има кога има трансфер на власт, но ништо повеќе од нормално. Но не знам, што ќе кажат следната есен кога пак ќе има проектиран повисок буџет од овогодинешниот дури и да останат истите стапки на даноци? Ист таков тренд ќе има и во 2020-та итн.

НВО и дел од медиумите кои ја потхрануваа оваа лажна пропаганда, мината есен ги немаше никаде да прашаат на што се должи повисокиот проектиран буџет? Нема ни да ги има, се до враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт. Тогаш пак ќе почнат да говорат на оваа тема, со старите тези од пред 2017-тата. Напротив, сега, ќе го прават обратното. Ќе ги бранат одлуките за зголемување на даноците и придонесите кои ќе се одвиваат постепено во наредниот период. И ќе си плаќаат поголеми даноци. И ќе си молчат. Во името на демократијата. И партијатa.